(ИНТЕРВЈУ) Кирацовски: Ако опстои бугарското вето, Димитров да поднесе достоинствена оставка!

by Фокус

Александар Кирацовски, поранешен генерален секретар на СДСМ и пратеник, во интервју за Фокус вели дека вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров треба да поднесе оставка доколку земјава не добие датум за преговори со ЕУ во декември.

Зборувам за херојска и достоинствена оставка која ќе испрати силна порака дека неоправданото одолговлекување на нашата ЕУ интеграција, вон наша моќ и вина станува неприфатлива и не чини многу. Првиот аргумент кон тој потег лежи во депласираноста на неговата актуелна функција, а вториот аргумент е поврзан со наивноста да се потпише и ратификува договор со Бугарија кој нема цврсти меѓународни гаранции дека историјата останува на историчарите, а нашиот почеток на ЕУ преговорите е безусловен и независен од исходот на Комисијата за историски и образовни прашања – вели Кирацовски.

Во интервјуто, тој говори за причините за неговото повлекување од функцијата во СДСМ, за внатрепартиските состојби, за случајот „Рекет…

ФОКУС Какви ангажмани имате на професионален и политички план откако веќе не сте генерален секретар на СДСМ? Дали целосно се повлековте од партијата или останувате активен на одредено ниво?
КИРАЦОВСКИ Моментално го надополнувам она што го бев пропуштил поради обврските кои беа со висок интензитет. Сега сум многу повеќе со семејството и пријателите, комплетно ангажиран во академскиот живот. Прашањето за целосно мое повлекување од СДСМ е еднакво на прашањето за откажување од сам себе. Партијата во која буквално сум израснал, сум започнал од обичен член, сум водел младина, ме избрала за потпретседател и генерален секретар, ми ја дала честа да бидам пратеник, ја чувствувам како дом и семејство.

Впрочем, јас сум се уште член на Централниот Одбор на СДСМ и во секој поглед го давам својот придонес. Ако кон тоа додадам дека мојата одговорност кон моите сограѓани е независна од која било функција и ме обврзува во континуитет да давам придонес и политички активизам, одговорот е повеќе од јасен. Премногу се себевложив во партиско-политичкиот живот. Бев дел од преодната Влада, директно учествувајќи во падот на режимот и соочувајќи се гради во гради со неговиот последен удар во Собранието. Како пратеник, заедно со моите колеги дадов значаен придонес кон историски најбитните државни прашања што ја дефинираа нашата идна перспектива, а тоа е повеќе од доволно за да го негувам мојот политички активитет.

ФОКУС Јавно реагиравте дека не сте биле променет од генерален секретар на СДСМ, туку дека сам сте си дале оставка заедно со целокупното партиско раководство со исклучок на претседателот Зоран Заев, во периодот кога се спроведуваа кадровските промени. Меѓутоа, факт е дека дел од овие луѓе подоцна се вратија на истите партиски позиции
КИРАЦОВСКИ Иако е неважно на кој начин некој раскрстува со одредена функција, сепак, поради интересот на одредена јавност, морав да ја потенцирам мојата оставка дадена неколку денови после завршувањето на претседателските избори. Зошто оставка? Неповторливиот период во кој ја прифатив функцијата генерален секретар беше и најизискувачки од страна на членството, кое после 11 години ја доби шансата за еднаков третман пред институциите. Да бидеш крвоток во „запушени институционални вени“ беше доста тешка улога, но драго ми е што оставив широк и чист пат нагазувајќи го снегот.

Иако бев свесен дека преземањето на одговорноста за решавање на крупни кадровски прашања и стотици судбини може на одреден рок да биде погубна за мене, сепак го прифатив предизвикот и не жалам за тоа. Помогнав на многу луѓе и стекнав многу пријатели, но и непријатели – немоќни ликови, на моќни позиции кои бескрупулозно и без пардон ми нанесуваа штета и мене и на партијата. Токму затоа, согледувајќи дека моето опстојување на таа функција кон мене и кон моето семејство станува нефер и неоправдано, егзистирајќи во период кога лажните вести на кои им бев таргет изнесуваа 75 проценти од медиумскиот етер, се решив на пауза, без да инсистирам на никаква друга функција.

ФОКУС Колку за вашето повлекување удел имаше случајот „Рекет“, со оглед дека, поради вашето познанство и комуникација бевте споменуван во јавноста како, условно кажано, посредник меѓу веќе првоосудениот Бојан Јовановски и одредени јавни функционери и бизнисмени?Дали сметате дека не е дојдено време вие лично да ги расчистите дилемите во однос на вашата улога во овие настани?
КИРАЦОВСКИ Обдот и начинот на кој се споменуваше моето име со овој случај беше крајно тенденциозен, безобразен и бескрупулозен и беше инициран од одредени неформални центри кои имаа одредена цел. Тој случај немаше никаква допирна точка со мене и повлекувањето, особено што и временски се неповрзани. Од денешна перспектива, секому е јасно која беше намерата на одредена макијавелистичката медиумска камарила која ја доведе до заблуда целата македонска јавност. Но, вистината секогаш излегува на површина.

Во интерес на јавноста и за волја на вистината која ја споделив со надлежните институции, сакам да изнесам неколку факти кои досега не се спомнати, а беа предмет на извртување. Прво, господинот Силјан Мицевски е мој сограѓанин и одамна мој пријател, додека претставниците на Меѓународниот сојуз беа случајни минувачи и во мојот и во неговиот живот, кои без да тврдам одредена намера, направија голема штета. Второ, мојата единствена допирна точка со тој случај е кога г-нот Мицевски ми се обраќа со цел решавање на институционален проблем,  што можеби бил и главна причина зошто проектот не го реализирал.  Трето, јас присуствував на официјален состанок во седиштето на Општина Битола, по замолница од претставниците на ГП Пелистер, каде бев сведок дека од сите страни има интерес да се реализира тој проект во рамките на законските одредби.

Ако тогаш увидев и ронка обид за незаконити дејствија, немаше ни секунда да се двоумам да укажам и пријавам. Сепак и денес сметам дека голем дел од личностите кои беа дел од Меѓународниот сојузот, а се истакнати општественици, амбасадори, судии и сл., имале добри намери и чиста мисија. Што тргна по зло и зошто овој случај медиумски го поврзаа со озлогласениот обид за спас на Орце Камчев, па доби сосема друга димензија, тоа нека утврдат институциите и јавноста. За мене оваа тема е завршена и е во рацете на институциите кои треба да ги дадат сите одговори, а јавноста да биде информирана.

ФОКУС Како гледате на спорот со Бугарија, кој кулминираше со софиско вето на почетокот на преговорите на земјава со ЕУ, по што следуваше интервјуто на Заев кое предизвика големи реакции во домашната јавност? Во тој контекст, имавте една реакција дека доколку сте знаеле дека вака ќе испадне немаше да го изгласате Договорот за добрососедство.
КИРАЦОВСКИ Во поглед на ратификуваниот Договор во Собранието, изразив забелешка со која укажав дека договорите треба да се почитуваат или во спротивно истите ја губат смислата доколку не ги содржат правните лекови за сите можни проблеми кои би произлегле, како случајот со бугарското вето. Бугарија не го испочитува духот на договорот со што потврди дека бесполезно е да потпишете добрососедски договор кој е проследен со лошососедски манири, а притоа немате никаков меѓународен правен лек за тоа.

Реакциите за фамозното интервју на премиерот Зоран Заев, од национал-емотивна гледна точка можеби до некаде беа оправдани, но од прагматична точка поголемиот дел беа предимензионирани. Првенствено затоа што супстратот на нашиот идентитет воопшто не е тема на преговори. Второ, поради фактот што политичка реторика не може да смени светска историја, ниту наша ниту било чија, односно, независно кој што ќе изјави за историскиот поглед кон Р. Бугарија, особено за нејзината улога во II светска војна, нема да ја промени светската историографска перцепција кон истата држава за тој период. Трето, затоа што ние не одлучуваме за настани за кои постојат историски факти и записи и затоа што таа историја ги надминува нашите ингеренции во секоја смисла.

Сепак, познавајќи го премиерот Заев, нема дилема дека неговата намера извира од неговата патриотска природа да стори се, макар и политички изгорел, за конечно да ја бетонира нашата европска иднина за која друга алтернатива немаме. А оние кои бараат негова оставка треба да се свесни дека неговото политичко егзистирање е неопходно се додека предизвиците кои стојат пред нас изискуваат храброст и пожртвуваност кои кај него доминираат повеќе отколку во кој било друг политичар досега.

Иако сите не пече што огромениот влог кој го дадовме за да стасаме до затворената ЕУ порта и тоа од страна на соседите кои не условуваат со небулози за кои сме принудени да дискутираме, сепак ретко кој сфати дека Заев успеа да пенетрира во бугарската политичка сцена, предизвикувајќи со интервјуто демократски притисок врз тамошните одлучувачи преку реториката на стоплување на односите. Вчерашните провоцирачки изјави на Красимир Каракачанов само го потврдуваат тоа.

ФОКУС Верувате ли дека ова интервју на Заев ќе направи пробив во процесот? Што доколку во декември од Брисел добиеме лоши вести, односно бугарското вето опстои? Кога се случи француското вето, се одржаа предвремени парламентарни избори…
КИРАЦОВСКИ
Базирајќи се на фактичката состојба, се уште присутната реторика на Каракачанов и министерката Екатерина Захариева и претстојните избори во Бугарија следната година, веројатноста да добиеме датум за преговори во декември е многу мала. Неправедно е, но таа е реалноста која наместо во канонада напади едни кон други треба да ја преточиме во демонстрација на национално единство. Но, во тој случај соодветна реакција кон меѓународната јавност мора да има. Не пишана или соопштена, туку реална и изразена преку достоинствена оставка на ексминистерот за надворешни работи и актуелен министер за евроинтеграции Никола Димитров.

За да не бидам веднаш погрешно разбран – зборувам за херојска и достоинствена оставка која ќе испрати силна порака дека неоправданото одолговлекување на нашата ЕУ интеграција, вон наша моќ и вина, станува неприфатлива и не чини многу. Првиот аргумент кон тој потег лежи во депласираноста на неговата актуелна функција (која како порака треба да остане празна) без почеток на преговорите со ЕУ, а вториот аргумент е поврзан со наивноста (за време на неговото, за волја на вистината, мошне успешно министерување со надворешната политика) да се потпише и ратификува договор со Р. Бугарија кој нема цврсти меѓународни гаранции дека историјата останува на историчарите, а нашиот почеток на ЕУ преговорите е безусловен и независен од исходот на Комисијата за историски и образовни прашања. Тоа не спречува истиот да биде повторно ангажиран во значајните процеси, а во иднина, штом се отпочнат преговорите, да направи уште подостоинствен камбек.

ФОКУС Како ја коментирате пораката на поранешниот партиски лидер Бранко Црвенковски партиските органи да се оградат од Заев? Како ги оценувате внатрепартиските состојби во моментов?
КИРАЦОВСКИ Прво, сметам дека изјавата на екс претседателот Бранко Црвенковски требаше да биде поконструктивна и советодавна, а контрареакцијата кон него да биде поблага и со одраз на респект. И обете поттикнаа внатрепартиски револт кој се разлеа по социјалните мрежи, што ја потврдува партиската демократија, но ја поткопува внатрешната кохезија. Сепак, се работи за СДСМ која ја создавала поновата македонска историјата и се уште ја гради нашата иднина, државотворна партија со сериозна институционална меморија, политичка зрелост, сериозни кадри, изградени политичари и личности со државнички карактер на кои не им доликуваат препирки од таков карактер.

Но, суштинската порака која сакам да ја пратам е дека никој нема право да го дели членството по никоја основа. Инаку, внатрепартискиот имунолошки систем е во добра кондиција, иако повремено се појавуваат внатрепартиски амбиции за моќ и влијание кои се во границата на нормалата. Доколку политичките сигнали од Брисел во декември не се поволни, очекувам да воскреснуваат одредени политички кариеристи, но самиот факт што следните внатрепартиски избори се непосредни и гласаат членовите, а СДСМ е партија со искусно и трезвено членство, ме прави спокоен по прашањето како ќе се движи партијата. Мојата поддршка кон Заев е недвосмислена и реална. Независно што лично можеби и му замерував за одредено постапување кон мене, кога се работи за доброто на мојата СДСМ тврдам дека моментално Заев е единствената преостаната матица во СДСМ чие егзистирање е се уште неопходно.

ФОКУС Дали очекувате притисок од опозицијата за предвремни парламентарни избори заедно со локалните и каков епилог очекувате од овие избори?
КИРАЦОВСКИ ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во очајна состојба, без дефиниран наратив, без здрава реторика и став по најбитните државнички прашања и не мислам дека за брзо време може да се организира посериозно. За да се случат големи нешта потребни се материја, енергија простор и време, а во таа партија постои само материја изгубена во просторот и времето. Можеби ќе звучи малициозно, но оваа состојба во опозиција одговара не само за СДСМ, туку и на нашата држава.

Имено, нивната неконструктивност придружена со евентуална моќ би се прелеала на државно ниво, додека вака останува во нивниот партиски двор кој мене многу ми наликува на периодот во кој ние се бевме нашле меѓу 2006 и 2009 година. Кој памети, знае што значи тоа. Има едно правило кое вели дека проблемите и впечатокот за организацијата од автократското владеење се искоренуваат минимум за половина од периодот за кој егзистирало истото. Следствено, на опозицијата ќе и треба уште доста време да се реструктуира и да застане на здрави нозе.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости