ИНТЕРВЈУ ГОРАН СTAМЕНКОВСКИ, СУДСКИ СЛУЖБЕНИК ПОД ПРОГОН НА ФАМИЛИЈАТА: Ќе дојде денот кога Панчевски ќе одговара за своите злодела!

by fokus

Интервјуто е објавено во 1115 број на неделникот „Фокус“ на 17 февруари 2017 година.

Непосредно по објавувањето на интервјуто, Горан Стаменковски е суспендиран од работното место – раководител на одделението за човечки ресурси во Основниот суд Скопје 1.

Горан Стаменковски е дипломиран социјален работник, со постдипломски студии на Факултетот за безбедност. Петнаесетина години работи во судската администрација. Прво во Граѓанскиот суд во одделот за стечај, потоа во организиран криминал во претходна постапка, за во 2012 да премине во одделот за човечки ресурси по барање на екс претседателот на судот, Владимир Панчевски. Актуелен стана откако беше пријавен за инцидент со портпаролката на судот Паула Костадиновска, а обвинителството му покрена предлог-обвинение за загрозување на сигурноста. Наводно, тој почнал да ја турка колешката од столчето на кое седела и ѝ се заканувал дека ќе го запамети по тоа што во иднина ќе ѝ го направи. Но што навистина се случило? Имало ли физички контакт? Дали Станковски е избран затоа што прв покажа храброст да се појави во протестите на Шарената револуција? Зад целиот случај, според него, стои екс претседателот на судот Панчевски, кој го гази и понижува достоинството на судиите

Разговараше: Љубиша АРСИЌ

ФОКУС: Вашето име се појави во јавноста за наводно предизвикан инцидент со една од соработничките на поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. Станува збор за една од портпаролките на судот, а ваша доскорешна коректна колешка. Која е вашата верзија за настанот?

СТАМЕНКОВСКИ: Кога Панчевски избра портпароли на судот ги смести во мојата канцеларија во која работев како раководител на секторот за човечки ресурси. Еден ден морав да си доземам некои предмети затоа што во меѓувреме бев прераспределен на друга, пониска позиција. Портпаролката седеше на моето столче, а јас и укажав да стане. Таа само ме погледна и откако сфатив дека не реагира, уште еднаш и се обратив да стане. Потоа го поместив столчето, ги собрав работите по кои дојдов и заминав. И тоа беше се. Немаше никакво физичко насилство, немаше никакво превртување на маси и столици. А сето тоа се случи пред очите на судијката Славјанка Јанковска која многу добро знае што се случи и дали имаше мој обид за физички контакт со некого.

ФОКУС: Сепак, случајот беше пријавен во полиција, а против вас се води кривична постапка за загрозување на сигурноста.

СТАМЕНКОВСКИ: Истиот ден, по немилата случка, јас излегов од судот, но ми се јавија полицајци да се вратам назад. Со полицајците зборував во судницата број 1 при што ми беше изречно кажано да внимавам оти сакаат да ме наместат. Ми ги покажаа изјавите на портпаролката која пријавила, според мои сознанија по налог на Панчевски, и на судијката Јанковска кои во суштина беа различни. Потоа дојде инспектор од насилен криминал за да провери дали може кривично да ме гонат. Замислете, за нешто за кое не можат ни прекршочно да ме гонат оти не постои инцидент, тие ми се закануваа со кривичен прогон. Интересно е што и инспекторот ми го повтори истото, дека се јавувале одредени судски авторитети за да притиснат да ми се монтира насилен случај. Утредента, во полициска станица ми кажаа дека ќе испратат допис до Основното јавно обвинителство за да го известат дека нема кривично дело за настанот во канцеларијата.

ФОКУС: Е па, како сега има истрага против вас, а веќе сте дале и исказ во јавното обвинителство, ако претходно во МВР ви потенцирале дека нема дело и дека ќе го известат обвинителот?

СТАМЕНКОВСКИ: По неколку дена ми се јави обвинителката Ана Гоговска, инаку секретарка на главниот обвинител Марко Зврлевски додека тој раководеше со здружението на обвинители и ме праша кога ќе дојдам да дадам исказ во обвинителството. Со оглед дека по настанот јас бев на боледување отидов кај обвинителката после некое време. Мене ми е нејасно како ќе го туркаат предметот без никаков доказ за напад, иако имам информации од колеги обвинители дека самата Гоговска признавала оти нема дело, но морала по налог на Зврлевски да го тера случајот. Сигурен сум дека тоа е така. Прашувам – дали ова и е најтешкиот предмет на Ана Гоговска?

ФОКУС: Велите дека имало сведок на настанот, судијката Славјанка Јанковска. Не ли очекувате дека ќе ја каже вистината?

СТАМЕНКОВСКИ: Со судијката Славјанка Јанковска, која сега е сведок против мене во процесот за инцидентот во канцеларијата, претходно имав недоразбирање околу одредувањето мерка притвор за Зоран Верушевски за поседување пиштол. Цел суд коментиравме како може да даде притвор за службен пиштол. Имам информација дека по настанот и колешката портпаролка Паула и судијката дале исказ во обвинителството за да ги наштелуваат изјавите, но за нивна несреќа, јас ги имам нивните првични искази каде е јасно дека различно го раскажале настанот. Затоа и против нив ќе поднесам кривични пријави за лажно сведочење и за лажно пријавување. Но, ќе ја пријавам и обвинителката за злоупотреба на службената должност.

СО ПАНЧЕВСКИ БЕВМЕ НАВИСТИНА ДОБРИ ДРУГАРИ

ФОКУС: Каква е улогата на Панчевски во овој настан? Споменавте дека тој ја натерал колешката да пријави во МВР.

СТАМЕНКОВСКИ: За да зборуваме за улогата на Панчевски во судот, но и во мојот случај, мора да почнеме од пред неколку години. Јас претходно работев во Основниот суд Скопје 2, а тогашниот претседател Беќир Шаини ме испрати до финансиската полиција да однесам два предмета кои ги работевме, едниот од нив беше за тобако-босот Бајруш Сејдиу. Таму го запознав Панчевски. По некое време тој беше избран за судија во Кривичниот суд, јас бев во Граѓанскиот и почнавме да комуницираме за време на паузите. Пријателството растеше и кулминираше со поканата на Панчевски да се преместам од мојот во неговиот суд. И тоа се случи во 2012 година.

ФОКУС: Зошто е важна оваа релација што ја отворате со тоа што се случува во судот?

СТАМЕНКОВСКИ: Тоа е најважно, тоа што јас го знам за него за овие неколку години. Сите тајни на Панчевски, но и сите негови незаконски постапки за кои еден ден ќе одговара. По неколку години пријателство и соработка, сместени канцеларија до канцеларија, Панчевски изгуби нерви оти ме видел на фотографија на протестите на Шарената револуција. Кога беше објавена фотографијата, Панчевски не беше во државата, но ми реагираше со предупредување дека допрва ќе ме снашло нешто. И он, и сите негови соработници во судот знаеја дека јас сум опозициски настроен во однос на власта, и не знам зошто толку ги исплаши фотографијата, или пак е поради моите информации кои ги поседувам, а кои допираат многу подлабоко од тоа што можам да го споделам со јавноста.

ФОКУС: Значи, учеството на протестите го наруши вашето пријателство?

СТАМЕНКОВСКИ: Кога се врати Панчевски од странство веднаш ми покрена дисциплинска постапка за доцнење од пауза. После два месеца, уште една, овојпат за доцнење на работа. Им нареди во приемното одделение да не ми доставуваат пошта и на крајот ме прераспредели на друга, пониска позиција. Јас за ова повикав трудова инспекција која донесе решение дека моето прераспределување е незаконско. На крајот, за да ми наштети, измисли инцидент преку портпаролката само уште еднаш да се обиде да ме деградира. Сега, за истиот наводен инцидент ме гонат и прекршочно и кривично и ми покренаа дисциплинска постапка во судот.

ФОКУС: Додека се чека кривичната одговорност, дисциплинската заврши со парична санкција, што значи ако имало физички напад ќе ве казнеа построго.

СТАМЕНКОВСКИ: Искрено, немаше причина ниту за парична казна, ама со оглед на тоа дека членовите на комисијата, сите петмина луѓе на Панчевски, беа под притисок и отказ ако може да ми се даде, на крајот најверојатно, соочени со непостоењето докази, мораше да ми одредат нешто. Оти, ако нема ништо, нема случај. За овие 15 години во судството никогаш не сум бил казнуван, а сега за неколку месеци ме казнуваат трипати. Сепак е нешто чудно со таа Шарена револуција.

ВРАБОТЕНИТЕ ИЗЛЕГУВАА СО СОЛЗИ ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ПАНЧЕВСКИ

ФОКУС: Значи, сега против вас се води постапка за инцидентот со колешката, но дали вие преземате нешто? Ако вашата верзија е точна, тогаш сигурно и вие ги користите правните механизми, какви – такви?

СТАМЕНКОВСКИ: Поднесов тужба за мобинг и неколку кривични пријави од кои едната се однесува за јавното објавување на моето боледување на лажниот профил на Панчевски под име Јасмина Бандини Блажевска и обвинителката што ми ја отфрли напишала дека тоа боледување можело да биде кај кого било од вработените во судот, иако ниту јас, ниту Панчевски немавме дадено исказ во обвинителството. Не беше земена предвид ниту изјавата на сметководителот на судот, заверена на нотар, со која тој потврди дека моето болничко досие му било побарано од секретарката на Панчевски. Ова е кривично дело за кое Панчевски кога-тогаш ќе одговара. Јас сега имам поднесено жалба до Вишото јавно обвинителство.

ФОКУС: Но, дали е доволна само вашата битка? Зошто другите молчат, особено судиите?

СТАМЕНКОВСКИ: Знаете, секогаш се наоѓа начин како да се исплашат послабите. На пример, во статутот на судот никаде не е наведено дека на вработените може да им се одреди норма, а Панчевски ни определи по 400 предмети месечно, што не е изводливо. Затоа ние од одделот за санкции, 13 вкупно, се потпишавме на едно укажување и му го испративме на Панчевски. Но што направи тој? Почна еден по еден да ги повикува потпишаните, а тие со солзи излегуваа од неговата канцеларија. И како сакате после луѓето да се гласни? Еве, јас се обидувам со овој јавен настап да укажам на нечесното и незаконското работење во судот со цел да ги охрабрам пред се судиите да излезат и јавно да се спротивстават оти судството е во пропаст. Ако не се освестиме ние внатре нема никој да ни помогне. Тоа го знаат и самите судии и судските работници, дека нивното достоинство никогаш не било вака погазено.

ФОКУС: За што се другите две пријави кои ги поднесовте?

СТАМЕНКОВСКИ: Другите се за попречување на работата во служба и за повреда на рамноправноста, но знаејќи го нашето судство и влијанието на Панчевски не очекувам дека нешто повеќе ќе се случи, но затоа знам дека ќе дојде денот кога сите ќе одговараат за злоделата. Не само од мене, туку од судиите пред се.

ПОЛОВИНАТА ОД СУДИИТЕ И СЛУЖБЕНИЦИТЕ СЕ НА НЕСООДВЕТНИ МЕСТА

ФОКУС: Како од судиите? Па тие упорно молчат и не реагираат на сите неправди што им се случија!

СТАМЕНКОВСКИ: Мислам дека некако се насобира гневот и само се чека погоден момент кога ќе прсне сето ова. Е тогаш ќе нема крај. Тогаш ќе мораат сите еден по еден на обвинителна клупа. Прво Панчевски, па неговите соработници. Замислете, судиите кои позитивно одлучуваа по барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беа прераспределени и малтретирани. Судиите Александра Ристевска и Лидија Зимбовска беа префрлени во прекршочниот оддел само затоа што не сакаа да одлучуваат за отфрлање на „бомбите“ по решението кое го донесе Јанковска. Исто така, судијата Огнен Ставрев беше префрлен зашто имал издвоено мислење во однос на некој предмет поврзан со опозицијата.

ФОКУС: Има ли уште на списокот?

СТАМЕНКОВСКИ: Судијата Јован Лазаревски имаше само неколку месеци пред пензија кога беше на удар од Панчевски затоа што му определи притвор на Горан Грујевски од УБК. Заканите беа толку изразени што еден ден Лазаревски со тешка мака го спасивме, дури мораше да дојде итна медицинска помош. Оттогаш тој не се појави во судот. Има и други примери, има и други судии. Каде и да отвориш, каде и да чепнеш, наидуваш на неспособноста на Панчевски и на неговото незаконие. Исто така, да не заборавиме дека на Панчевски кривична пријава му поднесе судијата Иван Џолев затоа што со писмен документ му наложува како да одлучува по конкретен предмет. На други судии им давал исти такви упатства како да судат кои се уште не се јавно објавени, а има и телефонски разговори како влијае врз одлуки. Имаме дури и една телефонска порака кај еден судија која му стигнала од Панчевски од странство.

ФОКУС: Значи, сепак судиите се тие кои ќе мора да излезат и да се спротивстават на тоа што се случува во судот?

СТАМЕНКОВСКИ: Генерално – да, но и сите други кои сме засегнати од незаконието. На секретарката која е вршител на должност, Панчевски и има дадено овластување да потпишува! Во ист ден кога беа казнети 150 службеници, секретарката ги потпиша решенијата иако никаде не е предвидено дека постои в.д. секретар на судот. И за ова подготвуваме кривична пријава. Ова се последните денови на Панчевски кој и натаму, иако не е претседател, се уште шефува со судот. Откако му е завршен мандатот Панчевски потпишал документ – кој предмет на кој судија да му се додели, и тоа е основа за кривично дело. Замислете, по завршување на мандатот потпишувал за распределба на предмети!?

МОИТЕ ЈАВНИ НАСТАПИ ГО ИЗНЕРВИРАА ШЕФОТ

ФОКУС: Рековте дека една од главните причини за одмазда против вас е тоа што сте оделе на протестите на Шарената револуција? Имаше ли и други причини?

СТАМЕНКОВСКИ: Откако му навестив на Панчевски преку Фејсбук дека целата вистина за судството ќе излезе на виделина и ќе излезат вистините за неговото минато, како што се неколкуте кражби, за кои пишуваа некои медиуми и едно физичко насилство, почна да ми се одмаздува. Јас одев на протестите бидејќи сметав дека Шарената револуција е во ред, но и поради тоа што знаев дека Панчевски порано беше во СДСМ. Но, по се изгледа им е налутен уште од времето на Бучковски кога не беше избран за обвинител. Исто така, додека бев во Граѓанскиот суд имав работено на предметите за телевизиите А1 и А2 и знам кој се беше во игра. Практично, ова што ви го изнесувам е само мал процент од работите што се случуваат и што ги знаеме и за кои молчиме. Затоа, свесен за целиот ризик, сметам дека беше доста. Не смееме да дозволиме судот да се однесува со поинакви аршини кон СЈО и кон обвинителството на Зврлевски. Време е да го дадеме отпорот против незаконието во судството. Затоа што не смее да продолжи нивната стратегија – ако не е со нас, убиј го!

ПАНЧЕВСКИ КОРИСТИ ЛАЖНИ ПРОФИЛИ НА ФБ

ФОКУС: Велите дека Панчевски го објавил вашето боледување преку лажен профил на Фејсбук? Од каде знаете?

СТАМЕНКОВСКИ: Освен профилот на кој беше објавено моето боледување, за Панчевски се зборува дека користи неколку лажни профили на социјалните мрежи. Преку нив самиот си коментира. На пример, прво го злоупотребува судот и неговите лични ставови ги објавува преку соопштенија, а потоа од своите лажни профили коментира позитивно за судот и за себе како претседател. И ова е невиден срам за претседател на суд.

„ЈУСТИЦИЈА“ БЕШЕ ПРЕДМЕТ ЗА ОДМАЗДА

ФОКУС: Може ли да наведете некој познат судски случај каде што улога има Панчевски?

СТАМЕНКОВСКИ: „Јустиција“ е масло на Панчевски и еден негов соработник Владо Ружичиќ. Целта на предметот беше Панчевски да и се одмазди на Лидија Неделкова од Врховниот суд затоа што одамна имаат отворен фронт. Како? Беше избран периодот кога со Кривичниот суд управувала Неделкова, па бидејќи во нејзино време се случиле тие застарувања на прекршочните предмети, тоа требаше да повлече одговорност и кај Неделкова. Одговорно тврдам дека се работи за лична одмазда на Панчевски против Неделкова каде што јас ќе се пријавам како сведок против осомничените мои колеги во предметот „Јустиција“.

ФОКУС: Ама, Неделкова не настрада во тој предмет, туку само судии и вработени во судот за прекршоци?

СТАМЕНКОВСКИ: Тој мислеше дека ќе и направи штета и дека ќе ја разрешат, ама не му успеа. Панчевски е толку заглавен што ќе дојде време кога ќе излезат и другите работи кои што ги има правено.

Поврзани новости