(ИНТЕРВЈУ) Демири: Некои директори не заслужуваат да менаџираат со болниците!

Со двајца директори веќе разговарав и кажав дека не сум воопшто задоволен од нивната работа. Не би сакал да ги споделам јавно нивните имиња, за да не биде сфатено тенденциозно. Ќе се потрудам со секој од нив да воспоставам човечки однос, без разлика на тоа дали имаме иста политичка ориентација или не, вели министерот Илир Демири за „Фокус“.

by Фокус

Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, новиот министер за здравство Илир Демири, меѓу другото, објаснува дека болниците се соочуваат со голем недостиг од лекарски и медицински кадар, дека на клиниките работат директори што воопшто не заслужуваат да бидат менаџери, дека како главен критериум за набавка на лековите треба да биде квалитетот, а не најниската цена…

Разговараше: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Веќе еден месец како сте министер за здравство. Дали ги посетивте болниците, за да проверите како функционираат?
ДЕМИРИ: Досега ги имам посетено скопската Клиника за гинекологија, Торакална хирургија, Детска хирургија. Каде и да отидам, имам впечаток како сѐ да стои во место. Ништо не е сменето. Сѐ тапка.

ФОКУС: За разлика од вас, вашиот претходник Фатмир Меџити цело време се фалеше што сѐ направил, како направил, колку сѐ идеално функционира, односно дека тој направил бум во здравството…
ДЕМИРИ: Човек не треба да зборува, да се фали, зборовите се забораваат, делата остануваат. Ние треба да направиме нешто сериозно, да биде квалитетно и функционално, па другите да те фалат.

Многу сум внимателен со носењето одлуки, а сега уште повеќе е комплицирано бидејќи сме во техничка влада. Јас повеќе би се потрудил ова сега што го имаме, да го направиме подостапно и пофункционално за пациентите, отколку во моментот да се залетам за толку голем проект како Клинички центар.

ФОКУС: Во последните неколку години, некои директори беа сменети поради политички пазар, некои сѐ уште седат на директорските столчиња. Дали вие од тоа што успеавте да скенирате, планирате разрешувања на некои од нив?
ДЕМИРИ: Искрено, некои од нив не заслужуваат воопшто да бидат директори. Реално, не си ја вршат работата како што треба. Во предизборие немам намера да се занимавам со разрешување директори. Не сакам некој да мисли дека сум станал министер и сега од позиција на моќ да разрешам некој.

Но, дефинитивно стојам позади тоа, дека дел од нив не заслужуваат да менаџираат со болниците. Засега ќе се потрудам со сите да имаме добра комуникација и да ги дисциплинираме само со опомени, отколку да ги разрешам.

ФОКУС: Кои се тие?
ДЕМИРИ: Со двајца директори веќе разговарав и кажав дека не сум воопшто задоволен од нивната работа. Не би сакал да ги споделам јавно нивните имиња, за да не биде сфатено тенденциозно. Ќе се потрудам со секој од нив да воспоставам човечки однос, без разлика на тоа дали имаме иста политичка ориентација или не.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости