(ИНТЕРВЈУ) Богојески: Да се легализира црниот капитал за да ги вратиме украдените пари во Македонија

by fokus

Во новиот број на неделникот „Фокус“, лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески говори и за економските политики за кои се залага неговата партија.

Како една од мерките за да се дојде до свеж капитал Македонски концепт предлага легализирање на црниот капитал, односно парите кои се украдени од државниот буџет и однесени надвор.

ФОКУС: Како се позиционирате како партија, десно?

БОГОЈЕСКИ: Позиционирањето е прогресивна десница. Некои тоа го нарекуваат „центар кон десно“, но нашата определба е прогресивна десница или умерена десница која повеќе се концентрира на квалитет на живот во склад со природата, економски решенија каде го реафираме фискалниот конзервативизам. Тоа е мала и функционална администрација, забрана за задолжување на државата, силни и масовни јавни инвестиции, исклучително строга контрола на трошење на државните пари.

Најважно екстремно ниски даноци. Ние одиме по формулата x по y е еднакво на z. Z e буџетот, x е даночната база, а y е висината на даноците. Според нашата доктрина, колку висината на данокот е пониска, толку имаме поголема даночна база. Ова е една од мерките за сузбивање на сивата економија. Македонија има дупло посилна сива, отколку официјална економија.

Клучни се три фактори за развој на економијата. Прво извоз. Би извезувале само храна, туристички аранжмани и софтвер. Евентуално електрична енергија од обновливи извори. Пари има, бидејќи политичарите годишно крадат од 550 до 700 милиони евра од народот, од буџетот на државата.

ФОКУС: Од каде се овие бројки?

БОГОЈЕСКИ: Гледам дека ги потврдуваат и некои поранешни офицери од МВР, ги има и во доста кулоари во медиуми. Јас тоа го повторувам со години, тоа е проценка на неколку американски агенции кои прават проценки на степенот на корупција на земји од светот. Македонија е проценета на 10 до 15 отсто аполутна корупција од висината на буџетот на државата.

Втората мерка за развој е легализирање на црниот капитал. Тоа е се што испокрадоа арамиите. Факт е дека ние немаме капацитет како држава парите да ги вратиме назад, ниту нив да ги гониме. Со СЈО пропаднаа сите обиди. Црниве листи ми се малку смешни, зашто откако ги ставија на црна листа Груевски и Мијалков, им тргна во животот. Груевски се договара да се враќа, а Мијалков се најде слободен.

Единствен начин да дојдеме до дополнителен капитал е да им дадеме шанса да го легализираат и да го вратат во земјата без одговорност, но доколку го инвестираат во точно определени области. Тоа е производство на храна, инвестирање во туристички капацитети, увоз на нови технологии.

ЛЕГАЛИЗИЦИЈА НА ЦРНИОТ КАПИТАЛ

ФОКУС: Нема ова да претставува целосно амнестирање од одговорност?

БОГОЈЕСКИ: Секако тие сами се враќаат, еве го и Даравелски. Нема веќе одговорност, нивните дела се или застарени или нема дела. Гледате дека се амнестираат и најголемите арамии испаднаа најголеми домаќини. Да не го лажеме народот непотребно. Македонија нема капацитет да ги врати тие украдени милијарди. Единствен начин да ги вратиме назад, како граѓани треба да одлучиме: сакаме да ги вратиме или да останат трајно надвор. Определбата на Македонски концепт е да ги вратиме дома.

Катерина Смилева Божиновска

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости