Конечен договор за решавање на „македонскиот проблем“ се очекува на средбата меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, планирана за 17 мај на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.
На средбата и претходи интензивна недела на преговорите, во рамки на која се очекува да се отворат спорните прашања, пред се опсегот на употреба на името, но и барањето на Грција за измени во македонскиот Устав.
Премиерот Заев во интервјуто за МИА на почетокот на минатиот месец рече дека кога ќе биде закажана следната средба меѓу него и Ципрас всушност ќе значи дека преговорите се при кај и оти решението е на повидок.
– Верувам дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу мене и Ципрас. Тоа ќе значи дека напредокот во разговорите стинал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите. Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба меѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение, истакна Заев во интервјуто за МИА.
Грчкиот информативен портал „Њуз247“ јави дека е планирана тет-а-тет средба Заев-Ципрас доколку не се случи нешто непредвидено.
Дипломатски извори за „Њуз247“ потенцираат дека и покрај тешкотиите што постојат, постигнат е важен напредок и договор во поголемиот дел од темите во преговорите и покрај тоа што останува главната разлика за употребата на името ерга омнес.
Заев и Ципрас имаат „отворена телефонска линија, иако разговорите и контактите не се објавуваат.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас по состанокот на маргините на квадрилатералната средба во Солун, каде, како што кажаа разгледувале комбинаторки за најспорните прашања, се очекуваа оваа недела повторно да се состанат најпрво тет-а-тет, а потоа и со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името Метју Нимиц.
Димитров и Коѕијас ќе седнат а иста маса во Сунио во близина на Атина во рамки на министерскиот состанокот Вишеград 4 и Балкан 4, закажан за 11 и 12 мај.
В петок во рамки на конференцијата во Сунио, веројатно Димитров и Коѕијас ќе остварат нова билатерална средба. За в сабота е закажан состанок со медијаторот Нимиц, по тој во Виена, кој се одржа на 25 април, но од кој и Димтров и Коѕијас, а и самиот Нимиц излегоа без детали за разговараното.
По средбата во Солун, Димитров и Коѕијас најавија дека за разгледуваните комбинаторики ќе ги информираат премиерите на двете земји.
– Како што знаете разлики се уште има. Ова што вчера и денеска го правевме е испитување комбинации, кои едната или другата страна би можеле да ги прифатат и тоа е нашата задача. За овие елементи треба да разговараме и дома и да ја искористиме и следната средба, рече Димитров по средбата во Солун, која се одржа на 4 мај. Истакна дека прашањето е комплексно и влогот е многу голем.
Димитров нагласи дека главните разлики остануваа во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и прашањето за опсегот на употреба.
Коѕијас се надоврза дека на двете страни им е јасно дека не треба да се гледа кусогледо, туку треба да се фокусираат на решавање на проблемот. И шефот на грчката дипломатија вели дека останува да бидат решени едно до две клучни прашања.
Како спорно останува и прашањето за Уставот, инстирирањето на грчката страна да се смени Уставот на земјата и инстистирањето на македонската страна сето тоа да се реши со меѓународен договор.
Портпаролот на Владата во Грција изјави дека предуслов за решавање на прашањето е поранешната југословенска Република Македонија да ја прифати обврската за промена на нејзиното уставно име.
Ѕанакопулос уште еднаш ја повторува грчката позиција за која смета дека би можела да биде прифатена и технички имплементирана од македонска страна за да постои одржливо решение.
– Потребен е договор кој јасно ќе ги опише чекорите на решението. Промена на името во меѓународните односи, во продолжение признавање, на пример, од грчка страна, потоа промена на Уставот на поранешната југословенска Република Македонија за во Уставот да се вклучи новото име, а потоа поддршка од Грција за интеграција на соседот во сите меѓународни организации. Ова е позицијата што ја претставивме во преговорите, вели Ѕанакопулос.
Македонија се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ во јуни од кој очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на јулскиот Самит на НАТО.