Интенцијата на нашите мерки и на нашата политика е да се зголемат платите и никој да не биде изоставен, а со тоа да се зголеми одговорноста и на судиите и на јавните обвинители и на судската и на обвинителската администрација затоа што граѓаните тоа го очекуваат, рече на денешната прес-конференција во Владата министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на прашање од МИА.
Овие прашања, вели Маричиќ, се отворија и пред две недели кога ги објавија покачувањата за судиите.
– Имав можност утрово на оваа тема да разговарам со претседателот на Здружението на јавните обвинители, јавниот обвинител Тодор Витларов, тој ми укажа на одредени меѓународни стандарди, согласно кои примањата на судиите и на јавните обвинители треба да бидат на исто ниво. Владата тоа го уважи и интенцијата и во разговорите со Министерството за финансии ја утврдивме истата можност и истата потреба како кај судиите, така и кај јавните обвинители да има етапно покачување на платите од 10 проценти оваа година и пет проценти наредната година, со тоа што тоа ќе треба законски да се дефинира, информира Маричиќ.