Пишува
Трајче АРСОВ
Со интензивно и нападно емитување на турските серии може да се каже дека медиумите се сторители на едно од најголемите интелектуални злосторства на 21 век врз колективната свест на граѓаните.
Може ли да замислите колку само битни домашни и странски содржини, факти, новини, настани, достигнувања итн. пропуштаме да видиме, прочитаме, доживееме, само поради тоа што стануваме робови на времето потрошено на тие шаблон серии?
Колку се виновни гледачите, толку е поголема вината и на медиумите поради ОПШТЕСТВЕНА НЕОДГОВОРНОСТ.
Зошто баш медиумите? Медиумите се основани како трговски радиодифузни друштва водејќи се од профитниот мотив на инвеститорот, што е сосема нормално и тука нема ништо спорно, медиумот е приватна сопственост и никој нема право да ја ограничува слободата на сопственикот во креирање на медиумски содржини.
Меѓутоа, за разлика од останатите трговски друштва, радиодифузерите имаат привилегирана улога на пазарот како ексклузивни емитери, поради ригидната аудиовизуелна регулатива и потребата од лиценца за работа како последица на физички лимитираните радиобранови должини кои во услови на недоволно развиена техничка опременост, го ограничува слободниот пазар кај медиумите.
Оваа привилегирана положба на националните ТВ медиуми наметнува поголема ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ, за разлика од останатите.
Ова не значи дека треба да се наметнува дополнителна регулатива, напротив, јавно да се впери прстот кон тие општествено неодговорни медиуми со тоа што ќе бидат игнорирани од гледачите во сите програми, не само кон турските сапуници.
Еден од начините на демонстрација на „црвен картон“ е да го смените програмот и избришете од приоритетната програмска листа или да го сместите на последните канали.
На ѓурулти-кутијата што дава турски серии севезден, рајава треба да ѝ каже едно сиктер, за да може на раат потоа да го вклучи акалот и да дума саде ачик мисли.
(авторот е адвокат)