Институтот за историја бара МОН да го повлече концептот: предметот се спојува кога историјата безмилосно се напаѓа

by fokus

Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, во реакција од сите членови на Институтот, бара Министерството за образование и Владата да го повлечат најавениот концепт за спојување на наставниот предмет историја со други предмети.

Во дел од нивната реакција се вели дека концептот предвидува, како што велат, интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор.

-Во еден ваков несреќен момент, секое продолжување на замислената интеграција може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци, велат од Институтот.

Ова е третиот аргумент којшто го наведуваат против концептот, а во првите два реагираат за тоа дека е донесен на нетранспарентен начин без консултација со Институтот или други високошколски установи, научната и професионалната јавност.

-Институтот цени дека е скандалозно да се влечат вакви сериозни потези без воопшто и да се информира – а не пак да се побара совет од струката, од која утреден ќе се бара планираното да го спроведе во дело, во училишните клупи. Идејните творци на концептот не само што немаат компетенции да го реформираат начинот на кој една научна дисциплина се доближува до учениците, туку покажуваат и елементарно непознавање на материјата која мислат дека ја реформираат. Вакви дилетантски потези, како и сите досегашни, се однапред осудени на пропаст, пишува во реакцијата.

Со новиот концепт којшто го презентираше МОН историјата се спојува со други предмети и ќе се изучува под името „општествени науки“.

Поврзани новости