Институтот за демократија бара ревизија на спорните учебници

by Фокус 12:25
12:25

Во дел од учебниците за граѓанско образование, како што е деновиве актуелниот пример на учебникот за VIII одделение, постојат содржини кои промовираат некритички однос кон авторитетите и кон институциите, велат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) и бараат ревизија на учебниците, при што со нивните содржини ќе ги зајакнат способностите на учениците за развивање критичка свест кон политиката, државата и кон слободите.

ucebnik

„Дефиницијата за „лојални граѓани“ дадена во овој учебник која вели дека тие се: „секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“ укажува кон послушност по цена на загрозување на основните граѓански и политички права на граѓанинот во една демократска држава и не придонесува кон промоција на политичка култура во која идните граѓани ќе ги оценуваат работата на институциите и општествените текови низ призмата на промоција на човековите права и слободи. Ограничувањето на слободата потребно е да биде објаснето преку потребата за слобода и на останатите граѓани, а не преку потребата за безбедност. Истовремено, во истиот дел е напишано дека „лојални граѓани“ се оние кои „за својата благосостојба се заслужни самите и не се на грбот на општеството“. На овој начин, граѓаните кои се со финансиски или здравствени потешкотии, и кои за тоа примаат помош, имплицитно се дефинирани како нелојални. Имајќи предвид дека во голем дел земји постои социјална програма на државата, а некои (како и Република Македонија) се дефинирани како социјални држави, горенаведената дефиниција е во спротивност со принципите на современите општествени уредувања“, реагира институтот.

„Социетас Цивилис“ смета дека за идните генерации, лојалноста како граѓани треба да биде претставена пред сѐ преку почитувањето на основните принципи на општеството, како почитување на човековите слободи и права и посветеноста кон владеењето на правото.

ucebnik

„Поедноставувањата и илустрациите употребени во учебникот кои имаат за цел да ги претстават власта и политичките партии, се несоодветни. Таквите илустрации треба да бидат прилагодени на возраста на учениците, но и да бидат во функција на развој на граѓанската свест. Илустрацијата на власта како диспропорционална човечка фигура во однос на граѓаните го засилува пасивизирањето на граѓаните и ги прави подредени актери. На овој начин, отсуствува сликата за слободни граѓани кои активно учествуваат во процесот на донесување одлуки. Oдносот помеѓу партиите е претставен натпреварувачки преку илустрација на атлетска трка. Меѓутоа, во политичкиот процес, покрај натпревар постои и соработка која оваа ислустрација ја маргинализира. На овој начин, потребата од политички дијалог не е содржина која се пренесува на идните генерации. Наместо тоа, се стимулира очекување од политиката како простор за конфликт“, се вели во денешната реакција.

Поврзани новости