Да шеташ домашен миленик во општината Аеродром стана најголем срам за граѓаните. Општински инспектори излегуваат од грмушки и евидентираат граѓани со најави за казни, иако сопствениците на домашни миленици прописно ги шетаат на поводник.
До редакцијата на „Фокус“ се обратија граѓани кои во последниве денови биле застанувани и евидентирани од општинските инспектори со најразлични изговори.
„Додека вадев нешто од ташната, и го дадов на ќерка ми поводникот, да го придржи малку кучето, кога наеднаш ни се појави инспектор и ни кажа дека е забрането малолетник да шета куче! Се обидов да му објаснам дека првпат слушам за такво нешто и дека ќерка ми не го шета кучето туку само го придржува поводникот, но тој не сакаше да слуша! Не ми беше јасно ниту за какви одредби ми зборува ниту пак зошто ме евидентира“, вели жител на Аеродром.
Со слична ситуација се соочил и друг жител на општината на кого му било најавено дека казна ќе му стигне на домашна адреса бидејќи својот миленик го шетал на 500 метри од училиште.
„Буквално излезе од нигде никаде, од грмушка, и ми вели, знаете ли каде го шетате кучето?! Му реков дека прописно го шетам на поводник, но тој ми се обрати: Ама го шетате на 500 метри од училиште, тоа е забрането! А јас живеам до училиштето, како да најдам нов пат за да го изнесам кучето? Тој ме евидентираше и ми рече дека набрзо ќе ми стигне казна. Буквално сме обележани со буквата на срамот ако шетаме домашен миленик. Не гледаат со обвинувачки поглед небаре кршиме најстроги закони“, вели жител на Аеродром.
За овие одредби што ги донесе општината веќе реагираа здруженијата за заштита на животните.
„Сметаме дека секој оној кој чува домашен миленик има лична и материјална одговорност при чувањето на неговото куче, т.е мора да ја познава природата на својот миленик и да ја гарантира безбедноста на населението, пред се децата. Затоа, во овој домен се согласуваме со иницијативата на општина Аеродром за поригорозни мерки во односот на сопствениците на кучињата и казнени мерки доколку нечиј миленик предизвика опасност. Она што го сметаме за неприфатливо, нехумано на што се спротивставуваме (во пракса, во голем број случаи е неизводливо да се примени) е приморување на сопствениците на миленици кои на своите мирни, дружељубиви и неагресивни животни да им ставаат заштитни маски при секое шетање, или да ги носат секогаш и секаде на поводник – без исклучок- додека шетаат“, гласеше реакцијата на „Анима Мунди“.
Со ваквиот став се согласи и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но практиката на општина Аеродром и понатаму продолжува, бидејќи општинските инспектори изјавиле дека „ставот на МВР всушност бил само личен став на портпаролот на МВР Иво Котевски“.
Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) смета дека невозможно е да се утврди која раса на кучиња е агресивна, за сопствениците да бидат задолжени да им ставаат маски на своите миленици.
„Кај нас нема институција ниту лиценцирано лице за да утврди агресивност. Во светот практиката е следна: Ако некое куче се декларира како агресивно, треба да се види на што, дали на храна, на други кучиња, на толпа луѓе и сл. Во тие ситуации кучињата се рехабилитираат, за што постојат конкретни мерки. Еутаназијата е крајна инстанца“, вели Венера Петкоска, претседател на ААПЖ.
Конфузијата за тоа како треба да се чувааат домашните миленици дојде кога настана судир меѓу различните одлуки на општините, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и Законот за заштита на животните. Колку за пример, во одлуката за комунален ред во Град Скопје дозволено е дури милениците во одреден временски период од денот, да можат да се шетаат без маски и поводник. Во одлуката на општина Аеродром, тоа се забранува. Она што е јасно е дека единствена институција која е надлежна да казнува за нарушување на јавниот ред и мир е Министерството за внатрешни работи.
И додека во Македонија жителите мака мачат не знаејќи каде и кога да го прошетаат својот миленик, ова е Луна – кучето од Македонија кое беше вдомено во Германија. На фотографијата се гледа како Луна го користи градскиот превоз во Германија.
Во Македонија, работите на овој план се одвиваат во поинаков правец. Додека отрови се расфрлаат во училишни дворови со цел да се трујат уличните кучиња, на сопствениците на домашни миленици им се забранува кучињата да ги шетаат 500 метри од училиштата.
Токму поради лошиот начин со кој Македонија се справува со овие проблеми, земјата редовно добива негативни оценки од Европската комисија во делот за благосостојбата на животните.