Министерке Канческа, Ве номинирам за Гинис!

1Се извинувам министерке што вака директно Ви се обраќам, тоа никогаш не било мојот стил ама „више пукнав и не знам каде да се обратам“. Планирам да се јавам во институцијата која одлучува за Гинисовите рекорди и да Ве предложам во категоријата „Најдолго игнорирано новинарско прашање“, а доколку не постои таква категорија, мојата идеја е да се воведе.

Веднаш да кажам дека Министерството за култура ги игнорира моите прашања веќе дваесетина дена и знам, сигурен сум дека ќе се најдат мои колеги кои ќе ги превртат очите кога ќе прочитаат дека Вашето Министерство ме игнорира само дваесетина дена. Веројатно има новинарски прашања кои не заслужиле одговор со години, ама од некаде мора да се почне и нешто ми кажува дека моето прашање ќе ја доживее таа судбина.

Пред две недели видовме дека Министерството за култура објави оглас за основен проект на споменик што ќе се гради на скопскиот плоштад. Неколку дена се гњавевме со портпаролката на Култура, те била зафатена со Струшките вечери на поезијата, те службите не ѝ давале одговор и останавме без деталите за споменикот.

Со судни маки изгатавме дека всушност се работи за најавениот споменик на Мајка Тереза, кој ако се сеќавате требаше да го плати Субрата Рој – така барем се фалеше индискиот бизнисмен пред да заврши во индискиот затвор!

И со оглед дека така беше најавено, дека фонтаните и скулптурите ќе бидат бакшиш од Субрата, се осмеливме и уште еднаш го прашавме Министерството за култура во врска со обележјето за Мајка Тереза. Ни се јави сомнеж дека можеби Субрата, соочен со сите проблеми во татковината, решил да се откаже од Мајка Тереза. Не сакавме да се истрчаме со таков наслов, идејата ни беше учтиво да провериме и точно да информираме. Од каде да знаеме, можеби Субрата не се откажал, можеби процедурата навистина ќе оди преку Министерството, а тој, сепак, ќе ги даде парите, едноставно не можеме да ги знаеме сите процедури во една администрација. Затоа пред две недели прашавме зошто постапката оди преку Министерството за култура, кога веќе станува збор за подарок од Субрата, и потпрашавме дали можеби популарниот Рој се откажал од идејата да го плати споменикот?

Оттогаш, речиси две недели Министерството за култура молчи. Да Ви кажам искрено веќе помалку ме интересира кој ќе го плати споменикот, туку сакам да знам зошто нѐ игнорирате? Мислам дека не се потресувате од нашите прашања бидејќи тоа ви е една од стратегиите во дискредитирање на медиумите кои не им се по волја. Кога велам вашите стратегии, мислам на партијата на која припаѓате!

Илија Димовски одамна не крева телефон, Бичиклиски случајно и да крене не е корисен, а двајцата заедно веќе неколку месеци не можат да смогнат сили да го стават мејлот на „Фокус“ во нивата мејлинг-листа и да ни ги испраќаат соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владиниот портпарол Александар Георгиев, иако на почетокот се трудеше и од петни жили не дискриминираше, дури знаеше да процеди едно „кажи брат“ по телефон, сега, исто така, е недостапен! Него, пак, го чекам повеќе од месец дена да каже зошто владата не ја поканила ИВЗ на ифтарот во Владата.

Миле Јанакиески молчи за процедурата во која го продаде земјиштето во Центар по едно евро квадрат, па потоа се премисли, а Ставрески, пак, мене лично не ми одговорил на прашање повеќе од две години откако објавив информации за еден, за него, специфичен тендер.

Вистинска журка беше кога зимоска се обидов да добијам информации за поништената продажба на едно земјиште во Кисела Вода, тамошниот портпарол буквално се разболе од моите прашања. Кутриот на душа го носам зашто бргу потоа општината си најде нов портпарол.

Значи, да не ја шириме, министерке Канческа – зошто постапката за споменикот на Мајка Тереза оди преку Министерството за култура, кога веќе станува збор за подарок од Субрата, дали можеби популарниот Рој се откажал од идејата да го плати споменикот? Чекам одговор, а чекаат богами и од Гинисовата книга на рекорди!

Поврзани новости