Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во однос на причината за смртта на велешкиот пациент, на кого му беше дијагностициран ковид 19 по неговата смрт.
Како што соопштуваат од Министерството за здравство, од информациите кои ги добиле од велешката болница, на пациентот му била дадена соодветна терапија и му било препорачано да се изолира.
– Во вторникот – 31.03.2020 година околу 16:00 часот од страна на дежурниот лекар на инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Велес бил прегледан пациент на 78 годишна возраст – донесен како итен случај со возило на Итната медицинска помош, бидејќи имал претходно закажан термин од матичен лекар во 19:20 часот.
Пациентот бил болен 4/5 дена пред прегледот со покачена телесна температура и кашлица со искашлување на секрет, лекуван од матичен лекар со антибиотик – парацетамол и витамини. Роднините негирале епидемиолошка поврзаност со контакти сомнителни или заболени од корона вирусна инфекција. На денот на прегледот фамилијата забележала кај пациентот розеникав по боја искашлок и побарале да му биде земен брис од страна на епидемиолошката служба и да биде прегледан неколку часови порано од веќе закажаниот термин.
Во моментот на преглед, пациентот бил без температура, во стабилна општа состојба со бронхитичен наод на бели дробови, поради што му е ординирана антибиотска терапија, бронходилататорна, експекторанс, витамини и даден совет за домашна изолација, како и контрола на резултатот од земениот брис. Се било уредно евидентирано – со документација, а проценка на докторот е според симптоматологијата како да постапи. Земена е епидемиолошка анамнеза и од неговата ќерка, соопштуваат од Министерството.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во однос на причината за смртта на велешкиот пациент.