Во овие 3 години, Антикорупциската комисија до Јавното обвинителство поднела 25 иницијативи за кривично гонење на поранешни и сегашни функционери, но ниту една од нив не стигнала до фаза на истрага и не резултирала со обвинение пред суд, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Врз основа на податоците обезбедени согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, веќе објавивме дека ДКСК поднела 6 иницијативи за кривично гонење во 2019 година, 2 иницијативи во 2020, 7 иницијативи во 2021 и 10 иницијативи во тековната 2022 година, главно поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластвување и несовесно работење.
За дел од овие иницијативи се уште постапува ЈО, додека некои веќе се отфрлени. Во втората група влегува случајот Матка, во чии рамки Комисијата побара Обвинителството кривично да ги гони градоначалникот на Сарај Блерим Беџети и општински службеници, бидејќи не презеле дејства и не донеле соодветни управни акти во постапките што се воделе за легализација на објекти и платформи кај кањонот.
Со одолговлекувањето на постапките, според Комисијата, Општината им овозможила на сопствениците на ресторанот и на платформите, кои поседуваат и пловни објекти за превоз на туристи, да вршат стопанска дејност и да остваруваат противправна имотна корист, притоа загрозувајќи го и заштитениот режим и постојната флора и фауна во ова подрачје.
На барање на Комисијата, контрола извршил Државниот управен инспекторат, кој утврдил недоследности во барањата за легализација, несоодветно евидентирање на документацијата во секторот за урбанизам, а се нотирал и фактот што градежен инспектор било лице без потребното образование, имајќи во предвид дека бил машински инжинер.
Арно ама, скопското јавно обвинителство донело одлука за отфрлање на кривичната пријава, со образложение дека пријавените кривични дела не се дела што се гонат по службена должност. Во известувањето до ДКСК, од ЈО велат дека Општина Сарај на чело со Беџети целосно постапил во однос на укажувањата на Инспекторатот и по насоките од вонредниот инспекциски надзор.
Во меѓувреме, ресторанот и платформите работат во полна кондиција, возниот парк во езерото Матка е се побогат, а најавуваниот закон со кој кањонот Матка би се прогласил за споменик на природата, со детални утврдени заштитни зони, се уште не е донесен, и покрај тоа што за него во јавноста се зборува веќе 3 години.
Истовремено, антикорупционерите работеа на уште неколку актуелни случаи во јавноста, како на пример контроверзната набавка на службени возила од страна на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој, во време кога општината беше задолжена, потроши 114 илјади евра за набавка на 4 автомобили, меѓу кои беше и луксузниот „Ауди А6“ вреден скоро 67 илјади евра.
Откако ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата, таа го мина патот од скопското до струшкото обвинителство, за на крајот да заврши во обвинителството за организиран криминал, кое, по спроведена предистражна постапка, ја отфрлило иницијативата.
Од истиот период, датира уште една антикорупциска иницијатива, во однос на која, исто така, постапувало обвинителство за организиран криминал. Во овој случај обвинителството донело да ја отфрли пријавата за кривично гонење на вработени во Државната изборна комисија и службени лица, откако претходно било побарано вештачење и бил обезбеден вешт наод и мислење.
Станува збор за предмет отворен поради индиции за незаконски тендерски постапки, спроведени во постапки со преговарање, за печатење на доверлив изборен материјал и за избирачки список во периодот од 2016 до 2019 година, кога всушност се одржаа претседателски, парламентарни и локални избори, како и референдумот за Преспанскиот договор.
Подоцна, ДКСК покрена уште неколку случаи, во однос на кои, како што тврдат од таму, ЈО не им доставило повратни информации. Меѓу нив е предметот во кој опфатени се водечките луѓе на политичка партија, кои, според антикорупционерите, злоупотребиле средства за финансирање на кампања за парламентарните избори во 2020 година. Нема информации за која партија станува збор!
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ