Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод: Не можеме да ги видиме децата, злоупотребена е вонредната состојба

by Fokus

Се случува масовна појава родители кои според закон се одредени како примарни, самоволно да ги прекршуваат решенијата за видување на децата издадени од Центрите за социјални работи под изговор на вонредната состојба и мерките за ограничување на движењето, велат од Граѓанската Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод.

-Се обраќаме до јавноста со цел да го обелодениме проблемот со кој се соочуваме ние – секундарните родители според сегашниот Закон за семејство, односно родителите со кои децата не живеат по развод или разделба, во однос на контактите со нашите деца при вонредна состојба во државата.Знаеме и од претходно дека Центрите за Социјална работа немаат соодветни механизми како да обезбедат извршување на своите решенија, па најчесто го игнорираат проблемот и оставаат родителите да се договорат!? (а да можеле да се договорат, немаше да има потреба да се инволвираат центрите). Ситуацијата е дополнително влошена со редуцираното присуство на службениците во центрите на нивните работни места и продолжените рокови за одговор во управните постапки, поради вонредната состојба, се вели во нивното соопштение.

Тие објаснуват дека се создава ситуација добар дел од секундарните родители да не можат да ги остварат ниту минималните видувања кои ги пропишува државата, а немаат ниту каде да се обратат за помош. Оваа ситуација може да потрае неколку месеци, додека трае и вонредната состојба.

-Ваквата појава е пред се на штета на голем број деца, според нашите проценки околу 15.000, за кои вонредната состојба значи и целосен прекин на контактите со едниот родител. Потребите на децата не се менуваат во вонредна ситуација, се уште имаат потреба да бидат нахранети, облечени, да си играат и се уште имаат потреба да бидат со двата родитела. Постои и дополнителна потреба да се заштитат од тековната пандемија, но тоа секако дека секој совесен родител го прави за своите деца, почитувајќи ги мерките определени од надлежните. Впрочем, не постои доказ дека децата се позаштитени кај примарниот родител отколку кај секундарниот, велат од  Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод.

Тие потенцираат дека во други земји надлежните министри излегуваат во јавност и објаснуваат дека рестрикциите на движење не се однесуваат на видувањата на децата со родителите.

-Затоа, ги повикуваме надлежните од Министерството за труд и социјална политика да излезат во јавност и да го соопштат очигледното – вонредната состојба не влијае на родителските права и родителските контакти, па затоа издадените решенија за видување продолжуваат да важат и во оваа ситуација, нормално прилагодени на рестрикциите за движење. Свесни сме дека родителските права не се суспендирани со вонредната состојба и затоа повикуваме да се издаде такво соопштение со цел да се спречат еден куп жалби, поплаки претставки и други правни инструменти кои ни стојат на располагање во ситуација кога државата дозволува своеволно неспродведување на своите одлуки. А најмногу е потребно такво соопштение за да државата покаже дека навистина секое дете е важно и дека на секое дете може да му го обезбеди едно од основните права – правото на контакт со двата родитела, дополнуваат од Граѓанска Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод.

Поврзани новости