Денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која како прва точка на дневен ред беше Граѓанската иницијатива за организирање референдум на државно ниво за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, беше прекината на барање на членот Бајрам Кадрија, заради тоа што материјалите за Иницијативата не биле преведени на албански јазик.
Пред почетокот на седницата на собраниската Комисија, овластениот предлагач и лидер на Македонски концепт, Петар Богојески во изјава за медиумите информира дека предложеното референдумско прашање во иницијативата што ја доставиле до Собранието гласи: „Дали сте за донесување на нов граѓански Устав со кој Република Северна Македонија ќе биде национална држава на сите македонски граѓани со право на полно самоиндивидуално самоопределување?“.
– Тоа значи дека се внесува делот македонски граѓани за да спречиме странците, а и домашни недобронамерници да не нарекуваат „Северномакедонци“ и мислам дека ќе имаме поддршка од сите етнички заедници во земјата, не само од македонската етничка заедница, и од друга страна, правото на полно индивидуално самоопределување значи дека конечно излегуваме од етнички трла, партиски трла и друг тип на поделба на граѓаните и секој граѓанин индивидуално ќе се определи на која етничка заедница припаѓа, како себеси се идентификува по јазик и по сите елементи на идентитет кој може да го носи еден човек. На тој начин ќе ги смириме и внатрешните антагонизми во земјата, рече тој.