Минатиот месец градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски ја претстави „Иницијативата за изнаоѓање законско решение за конфискација на изградени објекти со бесправен статус и нивна ре-употреба со предлог заклучоци“ и истата ја достави до ЗЕЛС.
Според Герасимовски, целта на оваа иницијатива е да најде и произведе решение и даде можност за конфискација на безправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. Идејата е општините по конфискацијата да ги користат објектите за потребите на своите граѓани.
Како што информираат од Општина Центар за „Фокус“, иницијативата добила едногласна поддршка од Управниот одбор на ЗЕЛС, а потоа и од министерот за правда, Кренар Лога и министерот за транспорт и врски , Благој Бочварски, како министри во чии ингеренции се наоѓаат Законот за управување на конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочната постапка, односно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Од таму добивме голема поддршка, со мали забелешки за доработка од страна на министерот за транспорт и врски, со уверување дека заеднички ќе се доработи и делови од неа на крај би се вметнале во новите законски решенија. Намерата на Иницијативата е и да поттикне и развие дискусија за проблематиката, со цел добивање добри и квалитетни нови законски решенија. Иницијативата е во целост доставена до двете министерства и до ЗЕЛС, како надлежни тела за понатамошно постапување. велат од Општина Центар.
Согласно иницијативата, во постоечкиот закон потребно е да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, да се упати на постапка за ре-употреба. Неопходно е да постојат одредби кои при констатирање дека објектот, предмет на постапката за легализација, претставува објект кој е изграден надвор од законски предвидениот рок (после 2011 година), и кој не претставува објект предвиден за легализација согласно Законот. Со измените, истиот со акт ќе се одбие и упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.
Во Законот за управување со конфискуван имот, најпрво треба да се интервенира во основните одредби за да може да се вклучи и управната постапка, која произлегува од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Преку измени и дополнувања на овој закон, неопходно е да ѝ се даде можност на општината да биде должна да ја докаже оправданоста од чинот на конфискување и тоа исклучиво поради: природата на објектот, докажани отстапувања од урбанистичко-планските документации при изградбата, немање одобрение за градење, отстапување од одобрение за градење и исцрпување на сите правни лекови и постапка преку кои недвосмислено е докажано дека објектот е изграден надвор од одобрението за градење и она што Законот за градење го наложува.
Но, не сите се согласуваат дека иницијативата нуди решенија. Според Шанса за Центар, ова е популистички предлог, а институциите покажуваат немоќ пред дивоградбите.
Градењето по нелегални планови создава нелегални објекти, кои очигледно веќе преќутно се прифаќаат, па по оние планови од 2012 година, денес се развива центарот на градот. Но, ако плановите порано морале да имаат обележани црвени точки врз секој нелегален објект, денес и тоа го нема, па вклопувањето и легализирањето стана поважен и позастапен механизам отколку спроведувањето на закони, велат од Шанса за Центар.
И архитектот Мирослав Грчев не смета дека иницијативата на Герасимовски може да биде решение за проблемите со дивоградбите. Како што вели, идејата дивоградбите да се конфискуваат не е нова – иако поминаа години од претходната – но тој не смета дека ваквите идеи имаат некаква врска со реалност, а не пак да претставуваат некакво остварливо или прифатливо решение за бесправното градење.
Првин, ниту едно законско решение не ја потпира можноста да се конфискува бесправна градба, особено не во нашиов правен поредок каде што бесправните градби уживаат поголема правна заштита од легалните. Оваа правна заштита – на сосем неуставен начин, по мое скромно мислење – на бесправните градби им е дадена уште со Законот за сопственост и други стварни права од 2001 година, а десет години подоцна е донесен и Законот за постапување со бесправно изградените објекти кој го укина целиот правен и уставен поредок во републиката во полза на безправните градби, кои добија највисок државен и општонароден приоритет, изјави Грчев во интервју за „Локално“.
Освен од двајцата министри, иницијативата на Герасимовски доби поддршка и од неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, како и од охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.
К.С.Б.