Државното правобранителство бара Јавното обвинителство кривично да го гони бизнисменот Сеад Кочан, кој моментално ја одлежува скоро петгодишната затворска казна изречена во предметот на СЈО под назив „Труст“, поради тоа што неговата „Трансмет“ добила наместен тендер од АД ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) за ископ на јаглен во рудниците на РЕК Битола.
Според документацијата што ја обезбеди Фокус, правобранителството предводено од државниот правобранител Фехми Стафа во октомври ланската 2021 година испратило допис до обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на чело со Вилма Рускоска, со кој иницира „итно преземање на мерки и активности“ со цел да биде утврдена нова кривична одговорност за веќе осудениот Кочан.
Имено, за правобранителството спорно е тоа што Кочан во мај 2017 година, како гаранција за да се брани од слобода во судскиот процес за злоупотреба на постапка за јавен повик, јавна набавка или јавно-приватно партнерство, предложил недвижен имот кој претходно бил опфатен со решение за привремена мерка – забрана за отуѓување и располагање со ставање на хипотека.
Воедно, од оваа институцијата посочиле дека станува збор за имот кој првично бил во сопственост на субјектот опфатен со привремената мерка – „Трансмет“, меѓутоа преминал во сопственост на друга компанија на Кочан, односно на „ТВ Нова“, непосредно пред судот да го прифати второто барање на обвинителството за замрзнување на имотот (првото барање било одбиено откако обвинителството не го дополнило предлогот).
„Основаното сомнение за преземените противправни дејства од страна на Сеад Кочан се занова и на околности што како одговорно лице, односно управител во „Трансмет“ учествувал и го потпишал договорот за купропродажба на истиот имот“, стои во дописот на ДП до ЈО, во кој се бара Кочан да биде гонет за злоупотреба на службена положба и овластување.
Во него уште се наведува дека Кочан со ваквите дејства делувал тенденциозно, така што во постапката за определување на гаранција тој дал и своја изјава дека е согласен наведениот имот да се понуди и прифати како соодветен за обезбедување на негово присуство, иако му биле познати сите факти.
Набргу потоа, правобранителството го дополнува дописот, со барање да се испита постапката за продажба на посочениот имот од „Трансмет“ кон „ТВ Нова“, односно да се провери од каде се уплатени средствата за купородажба, дали е платен данок, во која сума и од која банка…?
Во однос на овие барања, надлежен јавен обвинител го известил правобранителството дека поднесниот предлог е „беспредметен и нема поткрепа во фактите“, бидејќи, меѓу другото, спорниот имот бил запишан како сопственост на државата со решение за пренос на право на сопственост. После ова, правобранителсвото се обраќа и до други институции…
Инаку, Кочан како одговорно лице во „Трансмет“ беше првостепено осуден на 6 години затвор поради тоа што заедно со „Силекс“, со помош на фалсификувани документи, во 2011 година добиле тендер за ископ во РЕК Битола во вредност од над една милијарда денари. Сепак, Апеалација му ја намали казната на Кочан на 4 години и 8 месеци.
Влатко Стојановски