Членовите на Иницијативата за конгрес преку соопштение до медиумите порачуваат дека 17-от вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток, на соочување со грешките и пропустите и нивно надминување и конгрес кој ќе донесе нова енергија и верба дека партијата знае и умее да победува.
-Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува „слуги“, а ликови како Сафет Бишевац кои го навредуваа членството на ВМРО-ДПМНЕ дека немало мозок, ги поставува на кандидатски листи за пратеници. Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги навредува дека некој им бил стопан, а од друга страна за кандидат за претседател на држава предлага кадри кои биле министри во владите на СДСМ. Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува „криминалци“, а ликови како Воислав Зафировски кои немаат ниту „В“од ВМРО ги фаворизира во партиските структури, иако истите барале максимални казни за осудените од 27 април. Нездрава политичка атмосфера е кога на сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот им се заканува и ги колне, а од друга страна бара поддршка од анти-НАТО структури како Јанко Бачев и Солза Грчева. Нездравата политичка атмосфера овие три години резултираше со губење на 150.000 гласови и неколку изборни порази во континуитет, велат од Иницијативата.
Според нејзините членови, слабо ВМРО-ДПМНЕ значи и слаба Македонија, па затоа, како што велат, сѐ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски не смее да калкулира.
Тие го повикуваат Мицкоски да се појави пред делегатите во Скопје на 28 март, да даде отчет за сработеното и да ја побара нивната поддршка доколку смета дека ја заслужил.