Инфлацијата во Турција во јули достигна годишна стапка од 79,6 отсто, што е нејзино највисоко ниво во изминатите 24 години, покажаа денешните податоци на турскиот Завод за статистика. Се работи за последица на континуираната слабост на лирата и високите глобални трошоци за енергија и суровини.
Растот на инфлацијата во земјата започна минатата есен, кога лирата нагло падна, откако централната банка постепено ја намали клучната каматна стапка за 500 базични поени, на 14 отсто во циклус на монетарно ублажување што го бараше претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
На месечно ниво, потрошувачките цени во јули пораснаа за 2,37 отсто, објави турскиот Завод за статистика. Се предвидуваше дека на годишно ниво, инфлацијата на потрошувачките цени во јули ќе изнесува 80,5 отсто.
Џејсон Тувеј, виш економист за пазари во развој во Капитал Економикс, изјави дека годишната инфлација можеби се приближува до својот врв, со оглед на остриот пад на инфлацијата кај енергентите. Инфлацијата на цените на храната се чини близу до врвот.
– Дури и доколку инфлацијата биде близу врвот, ќе остане блиску до сегашните многу високи стапки уште неколку месеци. Острите и неуредни падови на лирата остануваат клучен ризик, истакна Тувеј.
Најголем годишен раст на потрошувачките цени е забележан во транспортниот сектор, за дури 119,11 отсто, додека цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснаа за 94,65 проценти.
Годинава, инфлацијата дополнително беше поттикната од економското влијание на руската инвазија врз Украина, како и од континуираниот пад на лирата, која лани ослабе 44 отсто во однос на доларот, а оваа година падна за уште 27 проценти.