Откако вчера се појавија првите сомневања дека се појавила ебола во Македонија, скопската Инфективна клиника е под полициски надзор, а медицинскиот персонал е со заштитни маски на лицата. Од вчера наваму, по смртта на 58-годишниот Британец се вклучи алармот, а граѓаните се во паника.
Во рок од два дена, здравствените власти свикаа две прес-конференции, на кои раководителот на Одделот за превентивна заштита Јованка Костовска неколку пати нагласи дека пациентот ги имал симптомите на ебола, но сепак мала е веројатноста дека се работи за оваа опасна болест.
Таа истакна дека телото на 58-годишниот починат Англичанец, Колин Џефри, е ставено во специјален лимен сандак во посебна просторија, која е дезинфицирана. Телото не е дадено на обдукција, туку само се испратени материјали на клиниката во Хамбург, а резултатите би требало да пристигнат во сабота попладне. Британецот бил владин советник.
Костовска објасни дека во хотелот, каде што престојуваше Англичанецот, постојано има медицински надзор, се разговара со сите 25 луѓе во карантинот и се следи нивната здравствена состојба.
Лекарите кои го донеле пациентот од хотелот исто така се под надзор на Клиниката за инфективни болести и станува збор за околу десетина медицински лица.
– Можам да потврдам дека неговиот бизнис колега со кој биле заедно во хотелот е добро, нема симптоми слични на неговите, но сепак е во карантин. Во карантин во хотелот се држат 25 лица, а на Инфективна клиника во карантин има 10 граѓани, меѓу нив и екипа на Итната помош. Тие немаат знаци како починатиот. Денеска темелно се дезинфицира собата во која тој беше сместен на Инфективна, а во хотелот има постојано болничка екипа со нашите и странците кои се во карантин – рече Костовска.
Од ебола во Светот досега починаа 672 лица. Првите симптоми на болеста се како и кај најобичната настинка, односно покачена телесна температура, малаксаност, намален апетит, главоболка и болки во грлото.
Кога болеста ќе стане прогресивна, тогаш пациентте чувствуваат болка на целото тело, мачнини, повраќање, дијареа, грчеви. Истовремено ослабнува функцијата на црниот дроб и белите дробови, но и на останатите витални органи.