Индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, се вели во Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции, пренесува „Мета“.
Според извештајот по индустријта следува загадувањето предизвикано од загревањето на домаќинствата и помали фирми, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи, а отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.
Извештајот на ова меѓународно ревизорско тело, составено од 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори, што го објави Државниот завод за ревизија се однесува на квалитетот на воздухот на Албанија, Бугарија, Естонија, Грузија, Унгарија, Израел, Косово, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија, Македонија и Холандија.
Во Извештајот стои дека дека системот за управување со квалитетот на воздухот во Македонија не е правилно организиран и координиран.
„Беа формирани Интерсекторска работна група за квалитет на воздухот и Комисија за здравје и животна средина за да се подобри интерсекторската соработка, но координацијата помеѓу институциите е незадоволителна и не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка“.
Во извештајот се вели и дека „инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и локално ниво“.
Во случајот со Македонија, каде што не е соодветно имплементирана владината политика за квалитет на воздухот на национално или локално ниво, Извештајот на меѓународната ревизија заклучува дека Националниот план за заштита на амбиентниот воздух е комплексен и покрива различни области, но не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка. Планот не содржи показатели за мерење на ефективноста на спроведување на политиката што го отежнува следењето на мерките за постигнување на целите на владата и политиките за борба против загадувањето на воздухот.
За меѓународните ревизори буџетот на Македонија за спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот е несоодветен. Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот на ревизија, инвестицијата за подобрување на квалитетот на воздухот од државниот буџет е мала и претставува само 0,1% од БДП. Од планираното финансирање за годишната работна програма на државниот систем за автоматски мониторинг, одобрени се само 31-42%, што е недоволно за мерењето на загадувањето да се одвива непречено, прецизно и ефикасно.
„Како резултат на тоа, нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови за мерните станици, не се набавуваат лабораториска опрема и хемиски реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација ниту обука на персоналот. Фактот дека работната програма не е целосно финансирана ја поткопува континуираната работа на системот за мониторинг”.
Наодите од националните ревизии покажуваат дека системите за мониторинг во најмалку девет земји, односно Албанија, Бугарија Грузија, Израел, Косово, Македонија, Молдавија, Романија и Словачка, не генерираат целосни и/или веродостојни податоци.
Меѓународните ревизори и препорачуваат на Владата да ги ажурира сите релевантни законски и подзаконски акти заради целосна хармонизација на националното законодавство со Директивата на ЕУ за квалитет на амбиентниот воздух, да воспостави систем на размена на податоци, но и да наметне санкции на централно и локално ниво за непочитување на политиките кои се однесуваат на квалитетот на воздухот и на граничните вредности на одредени загадувачи на воздухот.
Меѓу препораките е и македонската Влада да обезбеди буџет за работа и одржување на сите мониторинг станици за квалитет на воздух и да предвиди буџет во планските документи, но и да ја подобри мрежата за следење на квалитетот на воздухот со соодветно преместување на станиците и нивно континуирано одржување, да формира централизиран систем за автоматизирано собирање и обработка на податоци, како и мерење во реално време и известување за квалитетот на воздухот.