Индија ќе го промени името?

by Фокус

Поканата што до странските лидери собрани на самитот на Г-20 во Њу Делхи ја упати индиската претседателка Драупади Мурму, предизвика контроверзии, бидејќи таа во поканата е именувана како „Претседател на Барат“, што е санскритско име за Индија.

Употребата на името Барат во дипломатската покана предизвика загриженост дека хинду-националистичката влада на премиерот Нарендра Моди планира да ја прекине официјалната употреба на англиското име на земјата.

Дополнително, за овој септември е свикана вонредна петдневна седница на парламентот, на која треба да се усвои резолуција со која ќе се даде приоритет на употребата на името Барат.

Формулацијата употребена во член 1 од Уставот на Индија гласи: „Индија, односно Барат, е конфедерација на држави“. Така, се споменува и англиското и хинди-името на земјата, која стекна независност во 1947 година, по речиси 200 години британско владеење.

Името Барат доаѓа од санскрит, а неговата употреба сама по себе не е невообичаена, бидејќи имињата Барат и Индија се користат наизменично.

Сепак, индиските опозициски партии, кои формираа нова коалиција за да ја предизвикаат владејачката Индиска народна партија (БЈП) на парламентарните избори следната година, велат дека БЈП прави грешка со тоа што предлага веќе да не се користи името Индија.

-Иако нема уставна пречка Индија да се нарекува Барат, што е едно од двете официјални имиња на земјата, се надевам дека владата нема да биде толку глупава за целосно да го отфрли името Индија, кое има непроценлива вредност како бренд изграден повеќе од еден век – објави Шаши Тарур, лидер на опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ).

Индиската владејачка партија БЈП верува дека користењето на името Барат ќе влее чувство на национална гордост и ќе го зајакне богатото културно наследство на земјата.

-Ова требаше да се случи многу порано. Претседателот му даде приоритет на името Бхарат – соопшти Дармендра Прадан, министер во кабинетот на Моди.

И Анураг Такур, министер за информации, ги критикуваше оние кои се противат на употребата на името Барат.

Поврзани новости