Ин вино веритас

by Fokus

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

Пишува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Минатиот број пишувавме за струјата. Денеска ќе пишуваме за виното бидејќи минатата недела на мојата работна маса пристигна едно убаво спакувано шише вино, со уште поубава порака од Светозар Јаневски. Во неа Јаневски пишува:

Во изминативе 15 години сум примил многу вакви пораки, но оваа некако посебно ме инспирира, бидејќи мислам дека има врска со промената на нашиот менталитет, кој е основа на сите наши проблеми, а за негова промена мораме јавно да ги истакнуваме добрите примери, а лошите да ги санкционираме. Во овој момент, кога се соочуваме со најтешките кризи досега – економската, здравствената и енергетската – како никогаш досега ни е потребно да ги вратиме оптимизмот и ентузијазмот и сите заедно да успееме да го преживееме овој период. Ако досега за сѐ нешто се обидувавме да најдеме оправдување дека не можеме да одиме напред затоа што немаме јасно определена цел, овде целта е видлива и остварлива, но бара поинаков пристап во работењето. Да направиш вино во вакви услови, и тоа токму во земјата на виното, Франција, и тоа да го препознаат реномирани авторитети од таа област, за мене е пример за тоа каде треба да одиме и кон која цел да се движиме. Знам дека многу луѓе песимисти различно од мене ќе го коментираат ова, но јас зборувам за обични нешта, за обично шато, за обично вино, за обичен пример кој во услови на големи кризи изгледа некако нестварно.

Можеби тоа е патоказот за излегување од песимизмот и од летаргијата кога се наоѓаш пред големи тешкотии и кога мислиш дека се тие несовладливи.

Точно пред 10 години, со наша бизнис-делегација, присуствував на Светскиот коморски конгрес во Мексико Сити. На свеченото отворање на Конгресот, во присуство на 5.000 бизнисмени од светот, нашата делегација седеше на посебна маса во средината на салата, обележана со нашето државно знаме. Одненадеж тука се појави мојот драг пријател Рифат Хисарчиоглу, претседател на Унијата на турските комори и стокови берзи и еден од најголемите коморски авторитети во светот, кој учтиво се поздрави со целата делегација и ме повика да му се придружам на централната маса, на која беа претседателот на Мексико, Калдерон, и тројцата главни спонзори на Конгресот од „Кока-кола“ (Coca-Cola), „Проктер и Гембл“ (Procter & Gamble – P&G) и од „Филип Морис“ (Philip Morris International Inc). Откако ме претстави, праша дали некој ја знае Македонија. Мухтар Кент Главем, извршен директор на „Кока-кола“ (Coca-Cola), рече дека двапати бил во Македонија и дека има пријател кој се вика Светозар Јаневски. Нормално, објасни дека претходно раководел со „Ефес Пилсен“ (Еfes Pilsen), од кога и датира нивното пријателство. На голема далечина и на толку значаен собир тоа те прави особено горд, кога ќе слушнеш нешто убаво за својата држава и за нејзините луѓе.

П.С. Виното е вино, без него и ќе преживееме, но струјата во изминатите 10 дена беше алфа и омега на нашето работење. Одамна за толку кратко време не сме презеле толку многу активности и ги уверувам нашите компании дека ќе направиме сѐ за да им помогнеме во ваква ситуација. Формиравме кризен штаб, во постојан контакт сме со Владата, ги консултиравме сите релевантни адреси и подготвени сме да учествуваме во изнаоѓањето решенија.

 

 

Поврзани новости