Имињата на компаниите каде ќе има неправилности при увозот на мазут, ќе бидат јавно објавени

by Fokus

Имињата на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут ќе бидат јавно објавени откако ќе завршат сите процедури. Утре или најдоцна до среда ќе бидат објавени и наодите од анализите што ги прават надлежните институции, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– Не криеме ништо, ќе објавиме се на транспарентен начин имајќи предвид дека утре одминува рокот за сите институции да ги достават информациите, истакна Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција пред Министерството за економија.

Смета дека доколку некоја компанија не ги исполнува очекувањата согласно Правилникот, има основ за одземање на лиценцата за работа. За ова, вели, надлежна е Регулаторната комисија за енергетика која треба да одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците за работа на тие компании.

– Според моите информации, Државниот пазарен инспекторат доставил информација до Регулаторната комисија и согласно нивните правилници, секако РКЕ ќе одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците. Во случај кога одредени компании не ги исполниле очекувањата согласно правилникот, и во делот на залихите и во делот на квалитетот, секако тоа е основ за одземање на лиценца, рече Бектеши.

Поврзани новости