Има уште слободни места во „злосторничкото здружение“!

by Фокус 12:04
12:04

Не се сложувам со тезата дека Македонија сме ја добиле во наследство од минатите генерации, Македонија сме ја позајмиле од идните генерации да ја чуваме. И затоа треба да им ја вратиме многу подобра отколку што сме ја добиле.

Пишува
Александар ТОРТЕВСКИ

Пред  неколку децении, еден нашинец беше појден на гурбет. И во невозможност да најде пристојна работа, се вработи кај некој боксерски промотер. Единствените работни задачи му беа во прелиминарните борби пред главниот меч да влезе во рингот и да изеде малку ќотек пред да се струполи на подот.

- Advertisements -

На почетокот со успех ги извршуваше задачите и само по неколку добиени удари ќе си легнеше на подот и борбата ќе завршеше. Со текот на времето, на големо изненадување на сите околу него, тој сѐ потешко паѓаше иако ударите што ги примаше беа сѐ посилни. За на крајот, како што одминуваше времето, нашиот боксер сѐ потешко паѓаше иако трпеше страшни удари, од кои и најсилните вистински боксери одамна ќе беа во царството на соништата.

„БОКСЕРСКА БОЛЕСТ“

Кога судијата ќе покажеше дека мечот е завршен и дека нашиот боксер на нозе претрпел нокаут, нашинецот се расправаше со судијата, длабоко убеден дека тој бил тој што водел на поени. Неговата кариера заврши кога на крајот лекарската комисија посериозно се позанимава со неговиот случај и на крајот му беше поставена дијагноза „боксерска болест“.

Од силните и неброени удари, неговиот мозок не беше во состојба да препознае кога е во нокаут, па боксерот и понатаму продолжуваше да атакува на неговите противници мислејќи дека победува во мечот. Дури еднаш го имаше нападнато и сопствениот тренер кога му го фрли пешкирот и ја прекина борбата.

Torte poenta 01

Проблемот на Никола Груевски е токму тоа, што тој нема тренер кој во случајов би му го фрлил пешкирот. Во неговата желба да управува со сѐ во оваа  држава, тој, „месијата“ ги приграби за себе сите можни функции, па и тренерската. Од цртач на маркици, сечач на дрвја, нарачувач на уметнички слики, архитект на Жена-парк како единствени гробишта во центар на градот, стручњак за канделабри, нарачувач на тендери, примач на провизии… Едноставно досега немаше кој да му го фрли пешкирот и да го прекине мечот. Тоа мораше да го направат сите влијателни амбасадори и во понеделникот јасно да му стават до знаење дека мечот е завршен и дека треба да го напушти рингот.

САМО ЗАТВОР ИЛИ ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР!

Дека пастирот ќе си оди, веќе е повеќе од сигурно. Меѓутоа, од ова место, како правник кој повеќе од 30 години се занимава со кривично право, сакам да ги предупредам сите „домобрани“, „грујобрани“ и разни шиљокурани дека сѐ уште има слободни места во „Злосторничкото здружение“ на власта.

Дека целата врхушка на постоечката влада, всушност, се организатори на најтешкото злосторничко здружение, што воопшто не е спорно, и за неговото дејствување дебело ги „натовариле магарињата“ со тендерски провизии, плацеви, хотели во центар, кинески провизии, грчки провизии, патни трошоци како да патуваат со тесламобили, дебилни реклами набрзина срочени за да се платат медиумските лајачи од типот на Јанко, Миленко, Латас и Ивона.

Torte poenta 02Тоа воопшто не е спорно. Спорно е уште кој ќе им се приклучи сега кога се на заминување. Дали има лудаци кои за бедна плата ќе им станат соучесници на овие кои досега заработија милијарди, ама и во крпче си врзаа едно чудо кривични дела. Кој сака, нека повели. Слободни места има уште. Учесник во злосторничкото здружение се станува со само еден удрен шамар на кој било демонстрант што мирно протестира пред Владата.

Од друга страна, сите „патриоти“ би требало да знаат дека, и покрај огромниот криминал досега обелоденет и сосема извесен, гревот на „Злосторничкото здружение“ ќе се мери „само“ со затворски казни. МЕЃУТОА, ДОКОЛКУ САМО ЕДЕН ЧОВЕК ГО ЗАГУБИ ЖИВОТОТ, ТОГАШ ЦЕЛОТО ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ ОДНАПРЕД ЌЕ СЕ ОСУДИ НА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР. СИТЕ БЕЗ ИСКЛУЧОК.

АКО ТИЕ СЕ ВЕРНИЦИ, ЌЕ БИДАМ АТЕИСТ
Неколку пријатели ми префрлија по настапот на „ВИН- ВИН“ за изјавата дека сум атеист. А јас, пак, сум горд на таа изјава. Па, со кого, бре, да одам во иста црква? Со Протугер на кој секој втор збор му е Господ и Бог, а се заканува дека ќе фрла цели семејства во ендек.

Со Гордана која има толку гревови што пеколот би требало да се прошири од девет на деветстотини кругови?

Со Миленце што нарачал казни за илјадници сиромашни дуќанџии само затоа што мисли дека не се нивни и што кркал неброени провизии?

Со Ставрески ли што троши огромна енергија да му го загорчи животот на неговиот, како што самиот вели, добар, чесен и солиден правник само затоа што тој самиот си нашол работа во Апелациониот суд каде што би ги реализирал своите правнички амбиции. Очигледно Ставрески го смета тој човек за негов роб и има право да му ја поседува душата и животот.

Torte poenta 03Е ако овие се големи верници, специјално поздравувани кога ќе се појават во црквите, па и немам друг избор. Да влезам за Велигден во црква и таму да бидам верник од десети ред, Верници од прв ред се Груевски и оној фикусон што се самонарекува претседател, а кој никој не го есапи. Да слушам како свештеникот се потресува од радост што Хорхе влегол, и да слушам како свештеникот во преполна црква му се обраќа само на Груевски: „Премиере, Христос воскресна“. Само за него! Не благодарам, ќе си бидам атеист.

Во истата емисија изјавив дека се подготвувам за заминување од земјава. Меѓутоа, сега сум одлучен да останам. Нѐ чека жестока битка за да направиме од Македонија пристојно место за живеење. Не е точна тезата дека Македонија сме ја добиле во наследство и дека затоа треба да ја чуваме. Македонија сме ја позајмиле од идните генерации и на нив треба да им ја вратиме многу подобра од тоа каква сме ја добиле. За тоа нѐ чека многу работа.

Авторот е адвокат

Поврзани новости