Пишува: Атанас КОСТОВСКИ
Учеството на светските кошаркарски првенства ќе биде уште долго време само убав сон. Најпрвин ни треба нова Литванија, некоја нова генерација која ќе тргне по патеките на Илиевски, Антиќ, Гечевски, Самарџиски, Чековски… Во овој момент верувам дека новиот претседател на федерацијата, нашиот најтрофеен кошаркар и единствен Македонец со НБА искуство Петар Антиќ не е задоволен од моменталната состојба на клупски и репрезентативен план
Подзаборавивме на сензационалниот успех на ракометарите на Вардар во Келн и на нивната втора Европска клупска титула, а еве деновиве од канцеларијата на ЕХФ потсетување дека македонскиот клупски ракомет е на трето место во Европа! Пред нас се само Франција и Германија, зад нас Унгарија, Шпанија, Хрватска на осмото, Словенија на четиринаесеттото, Србија на 29-то место! Ги добивме и противниците за следното ЕП во Австрија, Шведска и Норвешка, идниот јануари на средбите во Виена со Украина (10), Чешка (12) и домаќинот Австрија (14) очекуваме да го потврдиме нашиот квалитет во оваа конкуренција и да го продолжиме престојот на Европското првенство. Значи, ракометот и натаму е нашата клупска и репрезентативна европска А лига, а во сите други екипни спортови далеку сме и од посакуваната просечност.
Ова топло лето посакуваме нашите фудбалски прволигаши Шкендија, Академија Пандев, Шкупи и Македонија ЃП да играат што подолго на европската клупска сцена, да ги почувствувааат благодетите на полната благајна на УЕФА.
ЌЕ ЈА КРЕНЕ ЛИ ПЕРО АНТИЌ МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА?
Но за фудбалот допрва треба да го исполниме овој простор, во овој момент нашите кошаркари имаат пред себе едно прашање на кое треба заеднички да изградат задоволителен одговор! За сите заинтересирани, за Федерацијата, клубовите, кошаркарите, може и по обратен ред, се чини така е најправилно, впрочем без кошаркарите ќе ги нема ни клубовите ниту пак Федерацијата.
Инаку, во овој момент во 12 европски земји кошаркарите ги започнаа подготовките за престојното Светско првенство кое ќе се одржи од 31 август до 15 септември во Кина. Меѓу 32 репрезентации има 12 европски (Полска, Русија, Шпанија, Италија, Србија, Турција, Чешка, Грција, Црна Гора, Франција, Германија и Литванија), ги нема последниот европски првак Словенија и секогаш квалитетната репрезентација на Хрватска. Во квалификационите натпревари европските репрезентации речиси немаа помош од своите НБА играчи, па тука лежи и одговорот зошто во Кина нема да патуваат кошаркарите на Словенија и на Хрватска.
Што се однесува до нас, учеството на светските првенства ќе биде уште долго време само убав сон. Најпрвин ни треба нова Литванија, некоја нова генерација која ќе тргне по патеките на Илиевски, Антиќ, Гечевски, Самарџиски, Чековски… И нашиот Американец Боб Мекелеб… Во овој момент верувам дека новиот претседател на федерацијата, нашиот најтрофеен кошаркар и единствен Македонец со НБА искуство Петар Антиќ не е задоволен од моменталната состојба на клупски и репрезентативен план. За разлика од ракометот, па и од фудбалот, речиси и да немаме кошаркар кој игра во познат европски клуб, за НБА или за Евро-лигата и да не зборуваме. Нашиот шампион (МЗТ), ниту пак некоја друга екипа пројави интерес за Лигата на шампионите, па во првото елиминационо коло ќе играат прваците на Косово, Словачка, Шведска, Финска, Украина, Полска, Данска, Кипар, Португалија, Унгарија, Холандија… И во новата натпреварувачка сезона ќе немаме претставник во квалитетната регионална АБА лига. Аеродромци како и минатата година ќе настојуваат низ натпреварите на втоарата АБА лига да се вратат во старото друштво. БИБЛ лигата остана единствената шанса за нашите екипи да прошетаат преку Табановце, Блаце, Ќафасан, Деве Баир или Ново Село… Репрезентацијата успае да стигне до квалификациите за ЕП 2021 година, тоа е шанса која треба максимално да се искористи, тоа е нешто што новата кошркарска влада на Перо Антиќ ќе го има како приоритет во првата година од својот мандат. Според моментално расположивиот квалитет тоа е речиси невозможна мисија, но малку оптимизам убаво е да постои, па зар некој очекуваше полуфинале во Литванија? Освен, се разбира, тогашниот претседател Даниел Димевски.
ВРЕМЕ Е ЗА ПРОДУКЦИЈА НА ДОМАШНИ КОШАРКАРИ
Првите чекори на новата кошаркарска влада ветуваат – некогашниот ракометен храм, салата во спортскиот центар „Кале“ кошаркарите ја добија на трајно користење! Овде ќе работиме „сите 24 часа 365 денови во годината“ вели новиот претседател Перо Антиќ. И, конечно, како ќе гласи одговорот на клучното прашање – колку странски кошаркари ќе играат во нашите екипи? Гласот на кошаркарите треба да се слушне и да се испочитува, да не се менуваат актуелните правилници! А тоа значи во клубовите можат да бидат регистрирани по четири странци, ама во секој момент од натпреварот на паркетот мора да играат најмалку тројца кошаркари со македонски пасош. Во период кога некои клубови беа финансирани од буџетските градски (државни) јасли, на паркетот се случуваше да нема место за кошаркарите од сопствените редови, па на крајот нашите екипи и државниот тим го допреа европското клупско и репрезентативно дно.
Време е екипите многу повеќе да мислат на својата иднина врзана со
„производство“ на сопствен играчки квалитет. Само така ќе се создаваат и перспективи државната репрезентација да ја продолжи некогашната традиција, почесто играње на европските првенства. Тој континуитет во екипните спортови сега го имаат само ракометарите. Којзнае, можеби новиот дом во спортскиопт центар „Кале“ ќе биде почеток на нова кошаркарска историја. За почеток, добро е кошаркарите да постават ракометна табла – овде ракометарките на Кометал Ѓорче Петров во 2002 година станаа европски клупски шампионки. Да се памети, но и да биде предизвик за некој нов спортски подвиг…