Проблемот со хакерскиот напад на Фондот за здравствено осигурување ќе се реши. На него деноноќно работат домашни и експерти од земјите – членки на НАТО, уверува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено по завршувањето на Минхенската безбедносна конференција.
Личните податоци на граѓаните, како што истакнува, се заштитени, а се прават напори да им бидат исплатени и платите на здравствените работници. Пари во Буџетот за исплата на плати има, категоричен е Ковачевски.
– Јас го разбирам револтот на здравствените работници. Прво, имаше информации дека немало пари во Буџетот. Пари во Буџетот има и во Фондот за здравство и во централниот буџет, меѓутоа со оглед на начинот на којшто се исплаќаат платите и со оглед на сајбер нападот што се случува, тоа не беше возможно да се направи во изминатите денови. Ние работевме заедно со Министерството за финансии и со вработените во трезорот тоа да може да се направи од централниот трезор што е комплицирана работа, меѓутоа на која што се работи, вели Ковачевски.
Ваквите хакерски напади, како што посочува, се дел од хибридната војна што се води како нов начин на војување и на неа не се имуни ниту останатите држави. Целта е да направи блокада на клучните витални системи во државите кои се западно ориентирани и да се внесе немир кај граѓаните.