“Има недостаток на стратешки пристап за да се влезе во даночни реформи”

by Fokus

Најавените „даночни реформи“, се поблиску до дефиницијата на ад-хок мерки најверојатно поттикнати од фискална нужност, но не и од желба за реформи, бидејќи не се базираат на економски и финансиски анализи кои се транспарентни и стратешки врамени кои ќе обезбедат предвидливост за сите засегнати страни, наведува Групата ЦИВИТАКС во денеска објавениот став за предложената даночна реформа.

Од таму велат дека овие таканаречените „даночни реформи“ се фокусираат и се базираат само на зголемување на даночна база заради фискални цели и порачуваат дека даночни реформи се повеќе од прибирање на приходи во централниот буџет.

Даночни реформи, посочуваат, треба да бидат најмалку заради фискален ефект, а повеќе за: ефикасен и еднаков третман на економски оператори, обезбедување на еднаков даночен товар на даночните обврзници и отстранување на пазарни девијации, јасно дефинирање на даночни цели, стабилност и предвиливост на даночниот систем, јасно кодифициран административен даночен систем во законската и подзаконската регулатива кој овозможува максимизирање за усогласување со даночната регулатива од страна на даночните обврзници, јасна поврзаност на даночниот систем со фискалните, економските и социјалните цели во државата, итн.

Оттука, стои во ставот, Група ЦИВИТАКС укажува на недоследности, недоречености, нетранспарентност и недостаток на стратешки пристап за да навистина се влезе во даночни реформи.

Според ЦИВИТАКС, недостасува консултација со целосни и истовремено достапни информации за сите. Укажуваат дека даночните измени, од кои дел имплицираат важни промени во даночниот систем, не се објавени официјално, туку во јавноста проциркулира презентација која Министерството за финансии ја користело на досега-изведените средби со бизнис секторот.

Смета дека е потребен општестевен консензус за поголеми и поширокоопфатни даноци. Бара Владата да елаборира за напредокот во борбата со сивата економија, во смисла на остварени резултати, пред да може квалитетно да се дискутира за какви било даночни измени.

Како што стои во ставот, Групата ЦИВИТАКС остро се спротивставува на намерата да се воведат придонеси на договори за привремено и повремено вршење работа, од повеќе причини. Сегашната намера да се воведат придонеси на договорите за привремено и повремено вршење работа е решение кои припаѓа на друго време во кое и сегашната владејачка партија, а тогашна опозиција, истото го напаѓаше и критикуваше.

Со сегашната намера за определување придонеси на овие договори, третманот на надоместот се менува од промет од извршени услуги во приход од работа. Ваквото произволно и паушално менување на правниот (и даночниот) третман на надоместоците од договорите за привремено и повремено вршење работа е сериозно удирање по правните темели и флагрантно поткопување на владеењето на правото. Без анализа на тоа кои се лицата кои вршат привремена и повремена работа, дејноста во која тоа го прават, нивниот профил и сл., секое решение е однапред осудено на малверзации и, во крајна линија, неможност за имплементација, образложува Групата ЦИВИТАКС.

Порачува дека не прифаќа воведување придонеси на надомест од повремена и привремена работа и обидот го смета за флагрантно поткопување на владеењето на правото. Го поздравува отстранувањето на прагот за неплаќање социјални придонеси на доходот од вработување, што, како што посочува, било нивно барање од ноември 2018 година.

Ја поздравува дебатата за прогресивниот данок на личен доход, Смета дека перспективата Северна Македонија треба да цели кон одредена прогресивност кај доходите на граѓаните и компаниите, но укажува дека оваа дебата треба да се отвори многу порано, најмалку на почетокот на годината, да трае, со вклученост на засегнатите страни и граѓанското општество, до постигнување целосно прифатливо решение. Притоа, како што потенцираат, инсистирање на решение за прогресивен данок на доход во услови на повеќекратна криза, во овој период во која земји како Шпанија и Полска воведуваат дополнителен данок на екстра-профитабилни дејности кои таквите профити ги оствариле во време на криза, е најблаго речено поразително за носителите на политиките.

Според Групата Цивитакс, потребен е и општествен консензус за трошењето на народните пари. Владата, потенцира, мора да поработи на ефикасноста на расходната страна на буџетот, на зголемена одговорност и отчетност, на зголемување на казнивоста на злоупотреба од висока корупција и целосно одробување на државата, како што е елаборирано од почетокот на овој став. Исто така, да работи на намалување на нејзината улога на пазарите за да остави средствата да бидат ефикасно алоцирани од економските оператори, да го намали бројот на регулаторните тела и разни буџетски корисници од прва линија кои не ја извршуваат функцијата за која постојат и ќе мора да го консолидира обемот на јавниот сектор. Воедно и да го намали државниот апарат и мора да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација до степен кога мора да има и отпуштања на оние кои не можат да ги совладаат потребните вештини и знаења за да одговорат на потребите на граѓаните.

Основачки членки на Група ЦИВИТАКС кои, според соопштението, во краток рок дале согласност за ставот за даночните реформи се: Центар за економски анализи, Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Центар за даночна политика, Институт за општествени и хуманистички науки, Фондација Отворено општество – Македонија, Транспаренси Интернешнл – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Евротинк – Институт за европски стратегии и Центарот за управување со промени.

Поврзани новости