Има ли одговорност кај Владата за неотварањето преговори?

by fokus

Пишува: Драган Алчинов

Француското вето за отварањето преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија предизвика сериозни реакции како меѓу лидерите на ЕУ и земјите-членки, така и меѓу лидерите и граѓаните на земјите-кандидати и потенцијални кандидати од Западниот Балкан. Ветото на Франција после постигнатите реформи и низата исполнети услови од двете земји-кандидати и после одложувањата од јуни 2018 и јуни 2019 година ја става под знак прашалник целата политика на Проширувањето, а со тоа и стабилноста на Балканот. Иако Франција традиционално имаше скептичен став кон Проширувањето, сепак француските лидери се’ до Макрон ја чувствуваа обврската да ги одржуваат во живот ветувањата дадени од нивните претходници. Европската перспектива отворена со ветувањето од Самитот во Солун 2003 година беше главниот мотив на земјите за реформи, мир и стабилност. Практичното затварање на можноста за членство одзема голем дел од ионака кревката енергија за трансформација на регионот.

Неотварањето на преговори за членство на Република Северна Македонија во ЕУ опозицијата го толкува како неуспех на Владата и поради тоа бара брзи предвремени парламентарни избори. Но, иако е својствено за опозицијата редовно да ја предизвикува владејачката партија на изборен дуел, сепак- имаат ли реална основа тврдењата дека поради неотварањето преговори Владата треба да сноси политичка одговорност?

Блескави извештаи

Извештајот на Европската Комисија од мај 2019 година го потврдува напредокот на земјата во исполнувањето на Копенхашките критериуми. Најреномираните светски организации специјализирани на следење на почитувањето на човековите и граѓанските права и слободи, владеењето на правото и демократијата исто така ги потврдуваат реформите во сите овие области. Подобрувањето на односите со соседите- особено договорите со Грција и Бугарија- ја прави РС Македонија единствената земја на Балканот која нема отворени билатерални спорови со соседите. Земјата направи голем исчекор напред и од држава заробена во организиран криминал и висока корупција, изолирана надвор од евроатлантските интеграции стана светол пример во регионот. Поради сево ова, Европската Комисија предложи отварање на претпристапни преговори за членство, а голема поддршка доби за европските интеграции доби речиси од сите земји-членки на Унијата. Одовде, причината за неотварањето преговори не лежи во Владата туку во ЕУ- или поконкретно во ставот на Франција кон Проширувањето на Унијата.

Франција и Проширувањето на ЕУ

Долго време Проширувањето се сметаше за најуспешната политика на Европската Унија. Особено Проширувањето кон Истокот во 2004, 2007 и 2013 година беше чин на трансформација на општествата на новите земји-членки од Источна, Централна и Југоисточна Европа. А придобивките од Проширувањето се чувствуваа и кај старите и кај новите членки. Но, серијата кризи на ЕУ доведе до општ сомнеж во успешноста на Проширувањето и трансформативниот ефект на процесот на пристапување во членство. Ова пак водеше кон поголема национализација на политиката на Проширувањето, односно поголем удел на земјите-членки при донесувањето на одлуките.

Историски гледано, Франција е носталгична кон ,,малата Европа’’. Сегашната Европа, ,,Големата Европа’’, е Европа на 28 земји-членки, при што Франција е само една од 28-те! Франција ја гледа ЕУ како инструмент на својата надворешна политика и како начин за враќање на својот престиж и влијание на меѓународната сцена.
Неколку моменти од историјата на европската интеграција се значајни за подобро разбирање на ставот на Франција кон ЕУ и кон Проширувањето.

Во два наврати во текот на 60-тите години Шарл де Гол како претседател на Франција ја одби апликацијата на Обединетото Кралство за членство во тогашната Европска Заедница, а неговата главна причина за одбивањето беше специјалната врска меѓу Британија и САД. Де Гол сметаше дека учеството на Обединетото Кралство во ЕЗ ќе доведе до намалување на кохезијата во Заедницата и до силно америчко влијание- што пак би значело намалување на влијанието на Франција во Заедницата! Затоа на два пати ставаше вето на британската апликација, а земјата успеа да стане членка на Заедницата дури на третиот обид кога де Гол веќе не беше претседател.

Подоцна, на почетокот на 90-тите кога падна Железната завеса меѓу Источна и Западна Европа и кога сите зборуваа за обединување на Европа, претседателот Франсоа Митеран предлагаше формирање на Европска Конфедерација во која би членувале сите европски земји, вклучително и Советскиот Сојуз. Идејата на Митеран беше да се создаде нова меѓународна организација која на пост-комунистичките земји ќе им понуди алтернатива на членството во Европската Заедница. Со други зборови, Франција како да сакаше Европската Заедница да остане заедница само на западноевропските земји, додека со земјите од Источна Европа би се создала релација на строго контролирана интеграција во рамки на лабавата Конфедерација.

Во периодот непосредно пред војната во Ирак, на почетокот на јануари 2003 година Вилнушката десетка (составена од 10 земји од Централна Европа, Балтикот и Балканот) испрати писмо на поддршка за доказите презентирани од страна на државниот секретар на САД Колин Пауел, а кои се однесуваа на прекршувањата на резолуциите на ОН од страна на Ирак. Писмото на поддршка на доказите всушност претставуваше писмо на поддршка на воена офанзива предложена од САД- што пак беше спротивно на ставовите на Франција и Германија. Писмото беше протолкувано како приоритизација на интересите на САД над интересите на ЕУ. Во таа прилика претседателот Жак Ширак им се закани на земјите-кандидати дека можно е да го блокира нивниот напредок кон членство во Унијата. Франција стравуваше дека новите членки на Унијата ќе бидат тројански коњ на САД во ЕУ и дека ќе ја осуетат амбицијата за создавање на европска суперсила независна од САД.

Во 2005 година, Ширак реши да го стави Договорот за воспоставување на Устав на Европа пред граѓаните на референдумско изјаснување. За да се осигура позитивниот исход на претстојниот референдум, беше воведен амандманот со кој се воведе член 88-5 кон Уставот на Франција со кој се става на референдумско изјаснување секое идно Проширување на ЕУ. Подоцна, во 2008 година беше воведен и ставот 2 на овој член со кој постапката за прием на нови членки во Унијата се олесни, давајќи можност ратификацијата на членството да се потврди со 3/5 мнозинство од обата дома на францускиот Парламент. Но, самото воведување на референдумското изјаснување по прашањето за прием на нови членки на Унијата зборува за расположението на граѓаните по однос на Проширувањето на ЕУ. И покрај ваквата гаранција, сепак референдумот не доби мнозинска поддршка од граѓаните.

Јавното мислење во Франција

Извештајот насловен ,,Француското влијание во Европската Унија’’, изработен од страна на Комитетот за европски работи при Националното Собрание на Франција од февруари 2016 година е индикативен за ставот на Франција кон ЕУ и особено кон Проширувањето на Унијата. Извештајот заклучува дека влијанието на Франција во ЕУ е ослабнато и притоа како главна причина за ослабнатото влијание ги наведува сукцесивните бранови на Проширување на Унијата од 2004 година наваму. Имено, Извештајот наведува дека со Проширувањето на Франција се намали нејзиниот број на членови во Европската Комисија, се намали релативната моќ на нејзиниот глас во Советот на министри, се намали влијанието на нејзините пратеници во Европскиот парламент и се отвори простор за напредок на нови административни службеници во институциите на ЕУ од новите земји-членки. Истовремено, Извештајот заклучува дека Проширувањето ја измести Франција од центарот на Унијата- и во географска, но и во културна и идеолошка смисла на зборот, а не пропушта ни да забележи дека во однос на Проширувањето Германија и Франција имаат спротивставени интереси.

Проширувањето кон Западниот Балкан не е дел од приоритетите на Франција. Француските компании имаат мала економска размена со земјите од Балканот, во споредба со другите земји- како на пример Германија и Австрија. Дополнително на ова, Франција на земјите од Источна и Југоисточна Европа гледа како на сојузници на Германија во рамките на европските институции, токму поради силните економски и политички релации кои постојат меѓу земјите од овој регион со Германија.

Јавното мислење во Франција по однос на Проширувањето е негативно и далеку под просекот на ЕУ. На пример, истражувањата на Евробарометар од пролетта 2018 година покажуваат дека само 31% од испитаниците во Франција се изјасниле позитивно по прашањето за натамошно Проширување на ЕУ во наредните години. Само за споредба, просекот меѓу земјите-членки на ЕУ во однос на Проширувањето изнесува 44%- што покажува дека Франција е една од земјите со најниска поддршка за евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан. Националниот Собир- националистичката партија предводена од Марин Ле Пен и победник на овогодинешните европарламентарни избори- се залага за комплетно запирање на Проширувањето на ЕУ. Но, крајната десница не е осамена во овој став- кампањата за европарламентарните избори покажа дека постои речиси општ консензус меѓу политичките партии во Франција по ова прашање. Дури 10 од 13 партиски кандидати се изјаснија против членството на Србија во ЕУ во 2025 година, а како главна причина за ваквиот свој став ги наведоа реформите кои треба да се случат на обете страни.

Имајќи го сево ова предвид, станува појасен ставот на Макрон на Самитот во Брисел. Иако како официјална причина за неговото вето за Северна Македонија и Албанија ги наведе потребните реформи на методологијата на преговорите и идејата за реформи на ЕУ пред Унијата да прими во членство нови земји, во суштина тој го изрази генералниот став на француската јавност против Проширувањето на Европската Унија во догледно време.

Ставот на Европската Комисија дека земјата е подготвена за отварање на претпристапни преговори за членство, како и јасно изразената поддршка од сите шефови на држави и влади претставени во Европскиот Совет сведочи дека нема одговорност на страната на владите на РС Македонија и Р Албанија за неотварањето на преговорите. Всушност, самиот Макрон призна дека ,,овојпат ним им е потребно малку повеќе време да ги средат работите’’. За жал, неговата одлука да ги пролонгира преговорите за членство ја одзема енергијата на европската перспектива на Балканот- што значи помалку надеж, помалку реформи, помалку просперитет во регионот. И без разлика на исходот од изборите, граѓаните на Северна Македонија и Албанија, но и на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово ќе бидат вистинските губитници и жртви на нерешените проблеми на европските земји.

Поврзани новости