Во Бугарија протест пред француската амбасада поради Македонија

by fokus

Десетици интелектуалци, јавни личности и граѓани се собраа вечерва пред Амбасадата на Франција во Софија за да го изразат своето несогласување со одлуката на претседателот Емануел Макрон да го блокира почетокот на пристапните преоговори на Скопје и Тирана со Европската Унија.

Како што објави БГНЕС, учесниците скандираа „Бугарија и Македонија под едно небо“, „Не на лицемерието, да на Македонија“.

-Ние сме сведоци на заживувањето на француско-српскиот сојуз кој низ последните години беше „занемарен“ и кој има за цел да ја блокира европската иднина на Македонија, изјави познатиот балкански експерт и публицист Иван Николов.

Учесниците на собирот го повикаа Макрон да ја преразгледа својата одлука, да биде на висината на големите француски државници – Шарл де Гол и Жак Ширак и да не ја става во ризик стабилноста и безбедноста на Балканот во еден толку сложен историски момент.

Во писмо до Макрон, кое го прими претставник на Амбасадата, организаторите на протестот го повикаа францускиот претседател да не дозволи „РСМ да биде втурната во политички хаос“.

Поврзани новости