Има докази за случајот со Онкологија, но ниедна истрага не може да биде орочена со датум, тврди Спасовски

by fokus

Има докази и врз основа на нив ќе се конкретизира вината, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со Клиниката за онкологија откако Министерството за внатрешни работи влезе на Клиниката на 1 септември, а до денеска, по повеќе од еден месец нема ништо официјално дали и што е откриено.

-Има докази, тие докази се во Јавното обвинителство, дел од тие докази се уште се вештачат, земени се огромен број материјали, огромен број електронски уреди, направена е екстракцијата на сите материјали коишто се од електронските уреди. Тоа што е за вештачење во МВР, во делот на електронските уреди, ние ќе го работиме, тоа што е за вештачење со медицинската документација, ќе го работат стручните луѓе од медицината и веќе го работат, вели министерот во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Спасовски очекува дека сите факти и аргументи ќе бидат потврдени, и дека врз основа на нив ќе се конкретизира вината бидејќи, како што нагласи, виновникот секогаш има име и презиме и тој треба да биде изведен пред лицето на правдата.

На забелешката дека се поминати 40 дена откако МВР влезе на Онкологија и дека се уште нема ништо конкретно, Спасовски беше дециден дека ниту една истрага не може да биде орочена со датум.

-Треба да има квалитет во истрагата. Јас не сум приврзаник на тоа дека ние треба предвремено и само заради задоволување на јавноста да влечеме потези коишто нема да бидат релевантни. За мене е важно да го завршиме комплетно тоа што го бара Обвинителството од сите институции кои што се вклучени, да се обезбедат доказите и тој што е виновен да сноси одговорност. Никако да не се поистоветуваат ниту институцијата како Клиника за онкологија, ниту сите лекари, сите медицински работници коишто се внатре, изјави Спасовски.

Поврзани новости