Илјадници Срби на улица, Вучиќ од Париз им порача да прават што сакаат

by Fokus

Неколку илјади граѓани и вчеравечер излегоа на протести во повеќе градови во Србија. За разлика од претходните денови кога маршираа по улиците, тие седеа, прифаќајќи ги повиците на социјалните мрежи да се дистанцираат од провокаторите кои и синоќа предизвикале неколку инциденти.

Како што јавуваат медиумите, една група десничари во Белград ги повикувала да станат и ги провоцирала, а помала група млади ја навредувале полицијата. На синоќешните протести се приклучи и група медицински работници од Ковид-болниците во Белград. Мирни протести се одржаа и во Нови Сад, Крагуевац, Крушевац, Врање, Чачак, Лековац, Вршац, Бор, Зрењанин.

Претседателот Александар Вучиќ кој се наоѓа во Париз на средба со францускиот претедател во јавување за ТВ Пинк им порачал на демонстрантите дека протестите не му пречат.

-Правете што сакате, воопшто не ни сметате, колку и да е неодговорно тоа, изјавил Вучиќ за ТВ Пинк, додавајќи дека во 2017 протести имало 200 дена, а следните траеле 300 дена и никогаш не му пречеле.

Премиерката Ана Брнабиќ за ТВ  Прва изјавила дека не е и јасно зошто се случува ова.

-Не го разбирам ова ‘ајде да излеземе, па за осум дена ќе ги смислиме барањата, изјавила Брнабиќ за телевизијата.

Во Белград и повеќе поголеми српски градови од неделата се одржуваат протести, кои започнаа како револт на одлуката на властите да воведат полициски час како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Но изминатите неколку дена протестите станаа насилни, при што групи демонстранти ја напаѓаат полицијата, а таа возвраќаше со бруталност и со солзавец. Дури имаше и упад во Собранието.

 

Иако претседателот Александар Вучиќ ја повлече одлуката за полициски час, сепак протестите продолжија и се претворија во демонстрации против актуелната власт, на кои се приклучи и опозцијата.

 

Вучиќ обвини дека зад протестите стои криминалното подземје и странски фактор, а српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ рече дека се работи за обид да се преземе власта.

 

 

Од денеска во Србија на сила се построги мерки против ширење на вирусот. Тие предвидуваат: забрана за јавни собирања на отворен и затворен простор на повеќе од 10 лица, во затворените објакети, како продавници, ресторани, аптеки, кафетерии и слични места исто така е ограничен број на лица, секој објект мора да има истакнато по колку луѓе може да има во објектот, односно едно лице на четири квадратни метри. Сите објекти во затворен простор се затвораат од 21 до 6 часот наутро, а оние на отворено – од 23 до 6 часот наутро.

Поврзани новости