Илјадници луѓе се собраа синоќа во Минеаполис на комеморативниот собир за Џорџ Флојд, афроамерикенц чијашто смрт при апсење предизвика бран протести кои ги тресат САД среде епидемијата на коронавирусот и претседателската кампања.
Свештеникот Ал Шарптон, телевизиски коментатор и активист за граѓански права кој ја предводи молитвата, го пофали единството на демонстрантите против полициската бруталност.
-Видов Американци од различни раси и возрасти, едни крај други како заедно маршираат и го креваат гласот. Се наоѓаме на пресвртницата, изјави Шарптон пред собирот кој започна во 20 часот по македонско време.
И покрај полицискиот час, луѓето ги преплавија улиците на поголемите градови во САД деветта ноќ со ред. Протестите, во кои досега животот го загубија 11 лица прераснаа во насилства, подметнувања пожари и масовни пљачкосуваа кои не запираат и по сите апели, што го натераа претседателот Доналд Трамп да се закани со испраќање војска на улиците.
Американскиот државен обвинител, кој воедно е и министер за правда, Вилијам Бар ги повтори поранешните констатации дека со насилните протести управуваат надворешни фактори и екстремистички агитатори.
-Видовме докази дека Антифа и другите екстремистички групации, како и протагонистите на различните политички уверувања, се вмешани во поттикнување и учество во насилните активности. Видовме и дека странски фактори манипулираат со сите страни, рече Бар на прес-конференција.
Антифа се претставува како движење на автономни ултралевичарски групи, коишто честопати се обвинети за напади врз полицијата, оштетувања на јавен и приватен имот и предизвикување безредија со вандализам.