Илјадници граѓани и фирми го очекуваат ребалансот и четвриот пакет мерки, порача Бесими на расправата за буџетот

by fokus

Финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.

Ова, како што рече министерот за финансии Фатмир Бесими, се амандманите кои се имплементирани во ребалансот кој е за разгледување и одобрување во Собранието од денеска.

-Стотици илјади граѓани и илјадници фирми очекуваат од Собранието да го донесе овој Ребаланс, за да можат да ги ползуваат мерките од Четвртиот пакет, кои ќе им ги олеснат ефектите од кризата и ќе им помогнат со соочување на овој втор бран кој се случува, рече министерот образложувајќи го предлогот пред пратениците.

Мерките, како што потенцира, се одговор на продолжувањето на здравствено-економската криза со цел поддршка на домаќинствата и нивната потрошувачка, помош за фирмите со цел одржување на работните места и подобрување на нивната ликвидност, но и нивна поддршка за инвестициите и извоз.

Мерките, според него, ќе придонесат кон ублажување на падот кај приватната потрошувачка и инвестициите, а со тоа и врз севкупната економска активност, која ќе забележи пад и во третиот и четвртиот квартал, а враќањето на патеката на економски раст се очекува да биде побавно во односна претходните проекции.

Министерот побара од пратениците одговорно и разумно пристапување кон разгледување и усвојување на ребалансот, бидејќи, како што рече, во оваа ковид-криза најголемо добро за граѓаните и стопанството е ефектуирањето на четвртиот пакет мерки.

Расправата по ребалансот согласно Деловникот трае пет работни дена.

Поврзани новости