Илјада километри за три дена во чест на човекот кој никогаш нема да умре

by Фокус 19:32
19:32

Утрово точно во 6 часот и 20 минути маротонците тргнаа од Нова Градишка и го започнаа најдолгиот ултрамаратон на Балканот. Но, илјада километри и не се толку многу кога во мислите ќе го имате човекот во чија чест трчате. Човекот, кој беше многу повеќе од пејач. Беше и секогаш ќе биде. Едноставно, Тоше. Неговото родно Крушево ќе биде крајната цел на маратонците, исто како и претходните седум години. Период во кој Балканот физичкото отсуство на најголемиот хуманитарец меѓу пејачите и најголемиот пејач меѓу хуманитарниците се обидува да го надополни со се почесто слушање на неговите песни.

Маратонците предвидените 1.000 километри ќе ги истрчаат за три дена и на 16 октомври ќе пристигнат во Крушево. На патот до местото во кое Тоше секогаш се враќаше за да наполни енергија, маратонците ќе застанат во Белград, а потоа и во Скопје. Во Белград ќе пристигнат во среда на 14 октомври наутро пред салата во која македонскиот пејач го одржа еден од неговите највеличенствени концерти, „Комбанк“ арената. Тука маратонците ќе се дружат со фановите на Тоше, по што ќе го продолжат патот кон Скопје. На овој ден во Белград, во чест на балканската легенда ќе се одржи и концерт  на големата сцена на „Академија 28“, на кој ќе и учествува и КУД „Македонија“ од Скопје и пејачката група Ансамбл на македонскиот национален совет во Србија. Овој Ансамбл после овој настап ќе се преименува во Ансамбл „Тоше Проески“.

- Advertisements -

Македонските фанови на Тоше маратонците ќе ги пречекаат на плоштад Македонија во Скопје на 15 октомври во 18 часот. По оваа дружба, луѓето кои ќе поминат 1.000 километри за три дена ќе продолжат кон крајната дестинација: вечното почивалиште на македонската легенда, не само музичка.

Маратонците на 16 октомври, на датумот на кој пред осум години им течеа солзи и на оние кои не ги слушаа песните на Тоше, ќе пристигнат на неговото вечно почивалиште за да му оддадат почит која неизмерно ја заслужува. Таму ќе го завршат ултрамаратонот кој совршено го опишува животот на човекот кој никогаш нема да умре: толкав голем пат поминат за толку краток период. Период од 26 години во кои имавме чест да го дишеме истиот воздух и да газиме по истата земја по која чекореше Тоше.

Катерина Смилева

 

 

Поврзани новости