Гувернерот на Илиноис, Џеј Би Рицкер го прогласи септември 2023 за месец на македонско-американското наследство, по примерот на гувернерката на сојузната држава Мичиген, Гречен Витмер.
-Илиноис е дом на многу македонски Американци кои придонесуваат културно, економски и филантропски, стои во известувањето кое го пренесе ВОА на македонски јазик.
Во него пишува дека бројни вредни македонски имигранти помогнаа да се одржи американскиот претприемачки дух и се дел од историјата и културата на Чикаго.
Рицкер наведува и успешни македонски Американци со бизнис во Чикаго, меѓу кои бизнисменот Мајк Зафировски, поранешен извршен директор на Моторола и Нортел, Дино Делевски, основач и тренер на младинската фудбалска организација Чикаго Инферно, но и повеќе други.
Претходно градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген,
Тој ги повикал сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси кои македонските Американци ги имаат во САД, истакнувајќи дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава.
Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.
Минатата сабота, на 16 септември и градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, ја прогласи за ден на македонското наследство, кога македонското знаме се крена на Вол Стрит по повод 32 години независност.
Пред повеќе од месец и половина, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.
Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.
Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).