Што е тоа што го обединува народот на едно демократско општество во прифаќање драматични промени со кои не се согласуваат? Историјата? Сигурно не.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Слушајќи ги говорите на претседателот на државата Иванов и на премиерот Заев, по повод националниот празник Илинден, ситуацијата во Македонија изгледа безнадежна. Нема единство за големиот чекор кој државата треба да го направи кон НАТО и кон ЕУ. Она што за претседателот на државата е предавство, за премиерот е патриотизам, и обратно.
И двајцата претставници на научната фела, во своите коментари од студиото на македонската телевизија, која вршеше директен пренос, ламентираа над загубеното единство и „политизација“ на настанот, кој, инаку, треба да му се препушти на народот. Како, не кажуваат.
Побргу би рекол дека, во ерата на телевизијата и интернетот, треба да се напушти досегашниот начин на славење карактеристичен по можноста да се уфрлат партиски лојалисти кои треба да вреват во прилог или против говорникот.
Значи, иако политичките преференци на двајцата научници во студиото, не можеа да се затскријат зад наводната научна неутралност, имено, и двајцата беа против спогодбата со Грција, тие го бараа токму тоа од народот: да не подлегнува под влијанието на политиката.
Кое влијание? Мислам, новото влијание кое бара промени и во свеста на луѓето, оти на старото самите му припаѓаат. Се разбира, единството за кое што зборуваа постоеше во услови на еднопартиот систем и на идеологизирана историја, но денес , во услови на демократски партиски плурализам и отвореност на науката кон светот, тоа е невозможно .
Што е тогаш тоа што ги обединува демократските општества во Европа и ги премостува јазовите на поделби меѓу неистомисленици – од фашисти, националисти, социјалисти и социјалдемократи, до конзервативци, либерали или комунисти? Што е тоа што го обединува народот на едно демократско општество во прифаќање драматични промени со кои не се согласуваат? Историјата? Сигурно не.
Мене, лично, блиско ми е гледиштето на Пол Валери кој, во својот есеј „За историјата“, објавен 1931, пишува:
„Историјата е најопасниот продукт кој еволуирал од хемијата на интелектот. Нејзините состојки се добро познати.Предизвикува соништа, труе цели народи, им дава лажни сеќавања, им ги забрзува рефлексите, ги држи старите рани отворени, ги мачи и кога се одмораат, ги води кон фантазии или на величина или на прогонувани, и ги прави нациите огорчени, арогантни, нетолерантни и суетни. Историјата ќе оправда било што. Не нѐ учи баш на ништо, затоа што содржи се. И може да ви даде примери за се…“.
Значи, уште еднаш, што е тоа што може да ги обедини двете политички страни во македонското општество, толку длабоко поделено како за минатото, така и за иднината. Онака како што ги обединува општествата на демократска Европа, кога ќе се најдат во криза.
Просто и строго речено, тоа се правилата на демократскиот процес. Нивното почитување и она што тој ќе го произведе, е она што мора да нѐ обедини. Другото е она што го нарекуваме „македонски синдром на самоуништување“, наместо со неговото вистинско име: недостиг на демократска свест.
И во случајот на Законот за јазиците и Договорот со Грција, претседателот и опозицијата не успеваат да го положат овој тест на демократијата.
Ако продолжат така, ќе предизвикаат расцеп во земјата и ќе го навлечат врз себе гневот на демократски настроената популација во Македонија. За непријатели, пак, ќе ги потврдат Европа и САД. Тогаш, можеме и натаму да спориме за историјата и за идентитетот, но никој разумен нема да рече дека е тоа добро за македонската држава или за македонскиот народ денес.