Влатко Илиевски, сопругот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која што е осудена на шест години затвор, тврди дека таа во никој случај не планира да бега и да ја напушти земјата, што е случај со Никола Груевски.
Во разговор за ,,Фокус” тој открива дека раѓањето на нивниот син Петар, кој има околу пет месеци, за нив е единствената смисла во животот, и за ништо на светот не би го оставила.
-Најнапред сакам да кажам дека Гордана не е виновна за делата за кои се товари, обвинувањата се апсурдни, неаргументирани и резултат на една хистерија која подолго време се води против неа. Убедени сме дека правдата ќе излезе на виделина, се едно дали тоа ќе биде од страна на македонските судови или од судот во Стразбург. Притвор не верувам дека ќе и биде изречен, затоа што Гордана редовно ги почитува мерките за обезбедување на присуство и без исклучок секогаш се одзиваше на сите судски рочишта, дури и кога беше во деветтиот месец од бременоста, како и во периодот кога Петар имаше само два месеци – раскажува сопругот на Јанкулоска.
Тој додава дека Петар се уште се храни со мајчино млеко, односно со доење и со дохрана од вештачко млеко, што значи дека присуството на мајката во неговиот живот во овој период е од огромно значење за неговиот развој.
-Доаѓањето на Петар ни донесе неизмерна радост и среќа за Горде, како и за мене, и претставува единствена смисла во животот. Гордана под ниту едни околности и за ништо во животот не би го оставила Петар, попрво земјината топка ќе престане да се врти. Впрочем, глетката на Петар во прегратките на Горде ги елиминира сите сомнежи, доколку некој ги има, за било какво поинакво постапување. За Петар се грижиме ние двајца со помош на родителите, немаме дадилка. Петар се уште се храни со доење и со дохрана од вештачко млеко – вели Илиевски.
Кога кон крајот на месец јуни го донесе на свет нивното прво дете, на социјалните мрежи граѓаните објавуваа најразлични коментари, од честитки и желби за добро здравје на новороденчето, до обвинувања дека Јанкулоска го родила во тој период, со цел да го избегне одењето во затвор.
Илиевски вели дека токму социјалните мрежи овозможиле отровот кој некои луѓе го имаат во себе, да стане достапен во јавноста, и верувал дека еден ден тие кои ширеле омраза и пакост, ќе се покајат за кажаното.
-Болни умови. Има премногу злоба, омраза и пакост во нашето општество. Социјалните мрежи овозможија целиот тој отров кој некои луѓе го имаат во себе да стане достапен во јавноста. Верувам дека еден ден ќе се покајат за тоа што го кажале – изјави тој.
Јанкулоска и Илиевски стапија во брак во 2010 година, по долга врска. Петар е нивно прво дете. На Јанкулоска и е одземен пасошот и таа мора да се јавува во судот, а и беше издадена мерка забрана за напуштање на живеалиштето, односно Скопје.
Вики Клинчарова