Илиевски: Скандалозно е што судот копирал став на Владата во пресудата за “Таргет и Тврдина”

by fokus

Влатко Илиевски, адвокат и сопруг, на екс министерката Гордана Јанкулоска, на денешната седница во Апелација за “Таргет и Тврдина”, истакна дека Јанкулоска не смеела да биде осудена, бидејќи веќе била помилувана за овој случај од претседателот Ѓорге Иванов.

-Во која постапка е утврдена ништовноста на аболицијата и каде можеле обвинетите да се жалат?, праша адвокатот, истакнувајќи дека аболицијата е на сила.

Тој појасни и дека постоеле повеќе решенија на Кривичниот суд, со кои аболицијата веќе еднаш била прифатена.

-Едно од решенијата е донесено од судија на претходна постапка, по барање за изрекување на мерки на претпазливост за Јанкулоска. Судијата го отфрлил овој предлог на обвинителството со образложение дека Јанкулоска е помилувана. На ова решение не било вложено жалба, и тоа станало правосилно, истакна Илиевски.

Тој потенцираше и дека во пресудата имало шокантни работи, како на пример дека во неа се нашле копирани делови од завршниот збор на обвинителот од предметот “Тортура”.

Исто така обвини и дека она што било уште поскандалозно е што Владата и Судот биле во дослух, бидејќи дел одговорот кој Владата го испратила во Стразбур, по повод аболицијата, се нашол ископиран во првостепената пресуда. Тој потенцираше дека одговорот на Владата треба да е таен.

-Одговорот на Владата во Стразбур е пратен на почеток на јуни 21 минатата година, а пресудата беше напишена на почеток на август истата година. Од ова произлегува дека судот позајмува тези од обвинителството и владата, што создава впечаток на отсуство на независност, вели Илиевски.

Тој истакна дека Јанкулоска во оваа постапка требало да биде оштетена, бидејќи била една од најприслишуваните со 13.000 разговори.

Јавната седница во Апелација е во тек.

В.В.

Поврзани новости