Илиевски, КК Работнички и КК Куманово не го прифаќаат Наумовски за претседател на МКФ: Ти честитаме на мангупските финти!

by Fokus

Петар Наумовски останува претседател на МКФ и во наредните две години, откако вчера беше изгласана негова повторна доверба на вонредното собрание на Македонската Кошаркарска Федерација.

Кошаркарската легенда Владо Илиевски и поранешниот кумановски градоначалник и доктор, специјалист по гинекологија и акушерство, Зоран Дамјановски – Циц не ја добија шансата да ги измерат силите во игра за функцијата претседател на МКФ.

Набргу по соопштувањето на одлуката, Илиевски се обрати до медиумите информирајќи дека според него вонредното собрание е нелегитимно и незаконско, и како тој не ги признава резултатите од истото. Тој побара Петар Наумовски да си поднесе неотповиклива оставка, а од Агенцијата за спорт и млади побара целосна ревизија на бројот на делегатите и нивните официјални полномоштва за учество, работата на собранието на МКФ и испитување на целата постапка.

За разлика од него, Дамјановски не излезе во јавност со свој став. Негови блиски соработници ни изјавија дека е на пат во Словенија, од каде се враќа по три дена.

Наумовски изрази благодарност кон поддржувачите и изјави дека клубовите не биле за негова смена, туку тоа било желба на поединци. Тој потенцираше дека токму поради тоа што во период од 12 месеци ова било второ барање за гласање доверба – недоверба на претседателот, било побарано раководството да работи мирно во период од две години.

Со своја реакција се јавија и КК Работнички АД Скопје и КК Куманово, кои во отворено писмо му порачаа на Наумовски дека не ја прифаќаат одлуката тој да раководи со МКФ во наредните две години.

-Оваа битка Петар Наумоски ја доби и му честитаме на мангупските финти и дриблинзи за кои му нема рамен. Сепак за вистинско раководење на една сложена организација како што е МКФ потребно е многу многу повеќе и затоа борбата за подобро кошаркарско утре продолжува – се наведува во соопштението од клубовите Работнички и Куманово.

Вики Клинчарова

Поврзани новости