Пишува
Трајче АРСОВ
Следам ТВ, интернет портали, т.н. „бомби“ ала Заев, прес конференции, т.н. експерти, т.н. аналитичари и никако не можам да разберам, „бомбиве“ од кај извираат? Дали се од:
1. Странски служби, или
2. Домашни служби, или
3. Монтажа се?
Па си мислам и анализирам:
Тезата за „Странски служби“ не оди во комбинација со монтиран материјал! Контрадикторно е! Спротиставени тези!
Имено, логиката вели, ако се работи за монтиран аудио материјал, нема разумна потреба странски служби да прислушуваат, тој материјал можат да го монтираат и креираат без прислушување, кој сака, кога сака и од каде сака, доволно е да преземат јавно достапни материјали од изјави, деманти, говори од политичари и јавни личности даден во аудио формат и потоа да сечат, кратат, лепат, прилепуваат и на тој начин монтираат.
Од друга страна, материјалите од странски служби, тежнеат да обезбедат точност, јасност и веродостојност во содржината добиена од високи функционери кои понатаму можат да користат како средство за постигнување најразлични цели преку уцени на морално и криминогено компромитирани и деградирани функционери и јавни личности.
Мој заклучок е дека тезата под број 1 со 3 е толку контрадикторна, што дава сѐ поголем простор да се развива тезата под број 2, а тоа е дека станува збор за прислушување од домашни служби.
Да нема дилеми, кој и да прислушувал (домашни или странски), не го менува фактот дека е пробиен безбедносниот систем во државата и дека никој повеќе не може да ни гарантира безбедност во телекомуникациите.
Фактите се запрепастувачки ако земеме предвид од кога датираат аудио материјалите објавени од Заев, а од тоа може едноставно да заклучиме дека системот на заштита на тајност во меѓусебното општење бил толку ранлив, да можат било домашни, било странски служби, да нѐ роварат перманентно со години назад без никој да забележи!?
Улогата на органите на безбедност е поливалентна, примарно – превентивна, гарантирање на безбедноста и заштита на слободите и правата на индивидуата и секундарно – репресивна, во случај на констатирани незаконитости. Кого ние плаќаме даноци за да бидеме заштитени од овие злоупотреби, кој е задолжен да ја гарантира безбедноста, ако не оние што се поставени на одговорни и највисоки функции во МВР?
Во кривичниот закон е предвидена казна за секое службено лице кое со неизвршување на својата службена должност на друг ќе му нанесе штета, да се казни со затвор. Ако сакаме да демонстрираме дека имаме институции со капацитет самостојно и одговорно да ја извршуваат својата задача, мора истовремено одговорноста да ја бараат и кај највисоките функционери на МВР кои не биле на висина на задачата и тука нема компромис!
Значи, како и да гледаме, нашите служби се криви. И ако самите прислушувале масовно, но, и уште повеќе, ако седеле со скрстени раце и дозволиле странци да нѐ прислушуват масовно!
Како и да е, оваа афера треба да послужи како добра основа за редефинирање и реструктуирање на безбедносниот систем во државата, со засилена внатрешна, а особено надворешна граѓанска контрола.
Или државата ќе ги држи во раце „службите“, или „службите“ ќе ја стават под нозе државата!
Трајче Арсов, адвокат