Утрово јавноста ја потресе веста за смртта на единаесетгодишниот Илче, момчето од Охрид со тешки здравствени проблеми кое го напуштија родителите и кое со апели од јавноста беше сместено во Групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија.
Директорката на Заводот, Александа Велковска во изјава за „Фокус“ вели дека смртта на Илче ги изненадила сите. – Беше во стабилна здравствена состојба, си јадеше, вчера попладне ненадејно почина. Кои се причините за смртта е неблагодарно да нагаѓам, обдукцијата ќе покаже од што почина, вели Велковска.
И од Министерството за труд и социјална политика велат дека детето починало ненадејно и дека неговото тело ќе биде дадено за обдукција.
-Со жалење информираме дека единаесетгодишниот И.В. синоќа ненадејно почина во Групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија, во село Корешница, Општина Демир Капија. Детето беше примено во Групниот дом на 7 август оваа година. Неговата здравствена состојба изминатиов период беше стабилна и постојано беше под надзор на стручни лица. Смртта синоќа настапила ненадејно и по налог на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција, велат од Министерството.
Веста за смртта на детето ја сооштија од обвинителството во Кавадарци кое во координација со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи, извршиле увид во семејна единица во село Корешница, Демир Капија.
Јавноста дозна за голготата на малото момче летово по апелот на соседите кои ги слушаа повиците за помош на момчето кое боледуваше од церебрална парализа и имаше други здравствени проблеми, а беше само и напуштено од родителите.
Детето беше хоспитализирано на Клиниката за детски болести во Скопје, а по десетдневно лекување, на почетокот на август беше згрижен во групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија, каде почина.
Ф.Ф.С.