ИЈЗ: Водата во Охридско Езеро е со одличен квалитет и покрај тоа што во него се испуштаат фекалии

by Fokus

Квалитетот на водата во Охридското Езеро е добра и покрај тоа што во него се испуштаат фекалии и отпадни води, а во делови долж езерото не работат соосдветно системите за пречистување на отпадни води. Ова го покажал мониторингот што го изврши Институтот за јавно здравје.

„По извршените теренски увиди и добиените лабораториски анализи на примероците површинска вода од Охридското Езеро, според Уредбата за класификација на водите, како и Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, водата од Охридското Езеро земена во период од 1.1.2023 година до 28.6.2023 година ги исполнува законските барања во однос на физичко – хемиската анализа и истата се класифицира во I и II класа“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Во извештајот за квалитетот и безбедноста на водата во Охридското Езеро стои дека во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода се класификацираат како одлична во поголемиот дел од мерните места.

„Квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како класа добра“,  стои во извештајот на ИЈЗ.

При мониторингот на квалитетот и безбедност на водата во езерото ИЈЗ нотира дека може да се забележи дека приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба.

„Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото“, стои во извештајот од ИЈЗ.

Според извештајот од мониторингот присутно е испуштање на санитарни и фекални води директно во речните корита од одредени приватни куќи.

„Но, бидејќи станува збор за Езеро со значителен број на извори, постојано струење на вода, голема водна маса со способност за самопречистување, ова загадување не предизвикува големи промени во класата на водата“, велат ИЈЗ.

 

Поврзани новости