-Аерозагадувањето не влијае само на респираторниот и на кардиоваскуларниот систем, туку и на сите органи во организмот. Не постои орган кој не е загрозен од овие токсични честички. Во Македонија поради последиците од аерозагадувањето годишно умираат 1.050 до 1.060 луѓе. Околу 30 до 40 отсто има зголемување на заболувањата пред се на белодробниот и на кардиоваскуларниот систем во текот на овој зимски период, рече денеска на пресконференција проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Македонија, кој е национален координатор за областа здравје и животна средина и член на меѓусекторската работна група за управување со квалитетот на воздухот.
Како што истакна д-р Ѓорѓев, станува збор за психотична состојба, бидејќи ова е еден тип на еко психоза познат кога има голем токсичен период, а нема излез бидејќи воздухот не можеме да го смениме.
– Десетина дена сме во период кога најголем дел од 17 мерни станици во државата покажуваат концентрации на честички од 10 микрони, па и од 2,5 микрони, далеку над дозволеното ниво. Има миење улици со хемикалии-тоа е парцијална мерка која е насочена кон последицата, а не кон причината. Мерките мора да се насочат кон изворите и додека примарно не ги насочиме кон изворите ова ќе се повторува секоја година, рече Ѓорѓев.
Тој додаде дека влегуваме во фаза кога треба да се преземаат и алармни активности. Нагласи дека идната недела на состанокот на интерсекторската група ќе расправаат и за алармни нивоа не како што е сега просекот пет дена да биде над 50 микрограми континуирано, туку и на два дена кога ќе се зголемат концентрациите на 152 и 200 микрограми на метар кубен, кои кажуваат дека состојбата е алармантна.