Никој мене лично ниту поединечно ме нема пратено во Собрание, рече обвинетиот Игор Југ, во својот исказ денеска пред судот, како обвинет за настаните од 27 април.
Во објаснување на своите СМС пораки кои беа претходно презентирани пред судот како докази на Обвинителството, Југ рече дека стои зад нив и дека тоа се негови пораки, по што го објасни нивниот контекст. Првата порака која ја објасни гласи: Тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија. Тие што им вршев нивни работи цел живот ме гонат. Ние по домови, по затвори и бегства, а куртони во фотелја. Како што рече тој под “тие” мислел на политичарите кои се појавуваат по телевизии.
-Под нив ги подразбирам сите оние кои се појавуваа по телевизиски емисии, весници обраќања и прес конференции и го повикуваа 60 дена и повеќе народот да излезе на улица и да си ја брани татковината, но не собраа храброст да му се придружат на истиот тој народ. Само пратеникот Антонио Милошоски најде доблест и чест да излезе со народот, а и по 27 секогаш го поддржуваше – рече Југ.
Тој пред судот зборуваше за својата разочараност од бившото раководство на ВМРО- ДПМНЕ. Рече дека тој е вмровец, а не дпмне-овец.
-За мене нешто најсвето е идеологијата на организацијата, не на партијата. Во секој нов претседател на партијата барам нов Тодор Александров, кој ќе спие заедно со својот народ на гол камен, кој ќе дели леб со својата војска. Не ми требаат водачи со милиони на своите банкарскк сметки, со јахти и со купишта лаги за народот. Тие што со денови не подбуцнуваа и потпалуваа уште првата вечер се откажаа од нас – рече обвинетиот.
Југ додаде дека е член на партијата уште во 90тите години и дека вршел разни работи за партијата, од лепење плакати до обезбедување на конгреси, без никаков надомест. -Јас сум од оние лудаци кои веруваат во идеологијата. На 48 години со 4 деца, сум се уште невработен, а жена ми работи во пицерија за 230 евра. Ние старите вмровци сме заборавени, маргинализирани, понижени од поединци во партијата.
Нешто што најмногу им забележувам на бившите раководни структури во партијата е што велеа: Остајте ги нашите, они ни се сигурни, дајте да ги придобиени комуњарите и другите. Затоа раководните места и местата во администрацијата се поделија на дојденци за шаку гласова – порача тој.