Текстот е објавен на 1 декември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1156
Зоран ДИМИТРОВСКИ
Му се чудам на очајот на Груевски, колку е беспомошен. Со апсењето на групата „тврдокорни“ за настаните од Крвавиот четврток, вели оти се „посипувала“ зла крв. Бре мајката! Сака да каже – немојте да не апсите и не не затворајте, зашто тоа ќе ви го правиме и ние кога пак ќе дојдеме на власт. За среќа, граѓаните знаат дека пастирот изминатава деценија арбитрерно апсеше и затвораше политички противници, иако тогаш, нели, кај него немаше „зла крв“, така што на сите им е јасно дека тоа повторно ќе го прави, ако некогаш му биде укажана шанса. Затоа, работата е токму во тоа – режим како неговиот, за него лично и да не зборуваме, никогаш повеќе да не се врати!
„ТВРДОКОРНИТЕ“ ЈА ОСТВАРИЈА ВОЛЈАТА НА ГРУЕВСКИ
Но, Груевски овојпат направи лексичка грешка, зашто зла крв може да се создаде или да се роди, но никако не може да се посипе. Всушност станува збор за фројдовски лапсус, зашто она што вообичаено се посипува – е пепел! Пастирот, значи, сакаше да каже дека веќе еднаш се посипал со пепел, но не е на одмет тоа уште еднаш да го направи, за да сфатат „тврдокорните“ дека тој не ги предал, злоупотребувајќи ги на 27 април, туку еве, се кае за она што тогаш го рекол за нив и стопати го одрекува.
Почувствувал тој задоцнета грижа на совест затоа што на Крвавиот четврток, веднаш по враќањето од Виена побара силеџиите во Собранието да бидат казнети. Но тоа, едноставно, не било во неговата природа. Зарем нарачателот на насилството да бара казна за силеџиите!? Неколку недели пред 27 април Груевски ги повика граѓаните да не седат дома по папучи, туку да излезат и да ја бранат унитарноста на државата. Претходно, по изборите на 11 декември лани, во Прогласот прочитан пред Државната изборна комисија рече оти ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи СДСМ да формира влада. А 27 април беше токму тоа, „тврдокорните“ се обидоа да ја остварат волјата на пастирот – да спречат влада на СДСМ.
Груевски сега сака да каже оти вечерта бил принуден да даде изјава за казнување на силеџиите во Собранието, небаре имал вперен пиштол в чело. Таква изјава тој не би дал по своја волја ни за жива глава. Еве, и Чавков е сведок, дека вечерта, додека си муабетеле по телефон од Виена, не станало збор за никакво повлекување и откажување од насилството… се додека, пусти Никола, не добил закана дека доколку на Македонија и се случи меѓуетнички судир, а тоа беше на работ да се случи, тој би можел да заврши на меѓународен суд, ако не ги повлече силеџиите и ако полицијата не ги спаси пратениците од линч.
„УМЕТНИЧКИ“ ТЕРОРИЗАМ
Па сепак, неколку месеци по Крвавиот четврток, откако доживеа фијаско на локалните избори и ги чу „советниците“ дека народот му свртел грб затоа што ги предал „тврдокорните“, пастирот рече – пу, пу, не важи. Се посипа со пепел и побара амнестија за нив, море се понуди него да го стават во апсана доживотно, само да ги ослободат „патриотите“.
Груевски не заслужува елементарно сочувство за злоделата што ни ги приреди, но мора да се признае оти беше тажно да се гледа во вторникот како народот го остави сам да мрзне пред Кривичниот суд, со дел од својата криминална тајфа и најблиските роднини на приведените. Да не си му во кожата. Мора да си помислил во тој миг, колку ли ќе има луѓе пред судот кога него ќе го апсат.
Навистина, последниве неколку недели, особено по драматичниот пораз на локалните избори, реториката на пастирот не само што е скарана со стандардите на политичкиот говор, тој одамна не е способен тоа да го прави, туку и со елементарната логика. Колку што се стега судскиот обрач околу неговите криминални злодела, толку ги засилува заканите.
„СДС“ ќе бил казнет за тоа што го правел, зашто тркалото се вртело. Ај, ај, ај! Кога немаш аргумент дека навистина станува збор за политички прогон, како што патетично ќе рече пастирот, на оние што мислат „македонски“, единствено што ти останува се клетвите и заканите. Како некаква баба нарикача е. Кукумјавка и клетварка. Во логиката тоа се нарекува логичка грешка – втерување страв, со кој пастирот очајнички се обидува да ја спречи правната држава.
Но за да уплашиш некого, треба да имаш моќ. Зашто не се плаши мечка со решето. Неговата немоќ, пак, е толку болна, што не е способен да мисли каков потсмев создава во јавноста. Особено кога и тој и Иванов тврдат дека граѓаните што си ја сакале и ја бранеле Македонија сега се нарекуваат и се гонат како терористи. Па зарем оперскиот пејач Игор Дурловски е терорист, или глумецот Владо Јовановски, патетично ќе извика пастирот.
Но работата не е во тоа дали Јовановски и Дурловски некој ќе ги нарече терористи, туку дали на 27 ноември активно учествувале во кривичното дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок. Во членот 313 од Кривичниот законик, се вели „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.
Значи, не мора осомничените „угледни граѓани“ да земат калашњиков в рака, да ја кренат зградата на Владата или на Собранието со експлозив во воздух за да бидат осудени за ова кривично дело. Доволно е обвинителството, прво, да докаже дека имале намера да го загрозат уставниот поредок или безбедноста на државата и второ, активно да учествувале во организирање, поттикнување или спроведување акт на насилство за таа цел. Иванов и Груевски, пак, тврдат дека осомничените не само што не го загрозиле уставниот поредок, туку го штителе, бранејќи ја унитарна Македонија.
ДИРЕКТЕН ПРЕНОС НА ДРЖАВНИОТ УДАР
Но проблемот е во тоа што вечерта на 27 април не беше загрозена унитарна Македонија, за некој да ја брани, зашто никој во Собранието не го смени Уставот за да ја редефинира државата, туку беше директно загрозена најважната димензија на уставниот поредок – мирната и демократска смена на власта. Имено, според Уставот, Македонија е парламентарна демократија, во која власта се добива и се губи на избори, а парламентарното мнозинство по изборите вообичаено формира влада. Со директна блокада на работата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го спречуваа парламентарното мнозинство да го конституира Собранието и да избере нов претседател, а потоа и да формира влада.
Кога пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците решија да ја надминат блокадата, остварувајќи ја волјата на мнозинството и избраа претседател во собраниската сала, толпа демонстранти, на кои група пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, сега осомничени, им ги отвори собраниските порти, откако „ги совладаа“ полицајците, влезе во зградата за да го поништи тој чин на избор, да ги казни пратениците на владеачкото мнозинство и да ја преземе власта. Што е тоа ако не е загрозување на уставниот поредок, обид за државен преврат, пуч!?
Односно, што мислеле Дамовски, Јовановски, Дурловски, Бетмен и компанија кога влегувале во Собранието? Дека ќе се напијат кафе во собраниското бифе? Или дека одат да го спречат СДСМ да формира влада! Илузијата дека на тој начин тие ја бранеле унитарна Македонија од фамозната Тиранска платформа, односно од федерализација и албанизација, не може да биде оправдување, зашто дури и да верувале дека го прават токму тоа, морале да бидат свесни оти спречуваат демократска промена на власта, загарантирана со Уставот.
Сепак, за да има елементи на споменатото кривично дело, треба да се докаже оти осомничените поттикнувале, организирале или учествувале во акт на насилство заради остварување на својата цел. Какви докази за тоа има обвинителството, ќе видиме допрва, иако за некои од осомничените има и ТВ снимки на кои го повикуваат народот да влезе во Собранието и да спречи „предавникот“ Заев да формира влада. Но, насилството го видовме сите на ТВ екраните во драматичната априлска вечер.
Видовме како пратениците се договараат по телефон а потоа ги отвораат портите за групата да влезе во Собранието, видовме како некои полицајци ги насочуваат и ги упатуваат силеџиите кон салата за прес конференции каде што беше Заев со пратениците. Забележавме оти меѓу демонстрантите имаше група со качулки, за кои подоцна се откри дека се припадници на подземјето, но и на безбедносните служби кои биле подготвени и организирани да спроведуваат насилство, видовме крвничко претепување на неколкумина пратеници, кои од линч и сигурна смрт ги спаси присебноста на нивното обезбедување…
Така што, кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок го виде цела Македонија на ТВ. За среќа, при изведувањето на превратот немаше човечки жртви. Случајот сакаше пратеникот Зијадин Села да остане жив. Од бруталното газење и ударите тој само ја изгубил свеста, иако неговите џелати како трофеј го влечкаа низ собраниската зграда мислејќи дека е мртов. А да загинеше, никој немаше да ги спречи веќе подготвените илјадници Албанци од скопските населби со оружје да дојдат пред Собранието и да почнат крвав меѓуетнички пир. Дали целта на организаторите на Крвавиот четврток била токму тоа – со убиство на Села, Заев и/или на Али Ахмети, кој тој ден одлучи да отсуствува од Собранието, да предизвикаат меѓуетнички крвав судир, по што единствениот излез ќе беше воведување вонредна состојба во која Груевски очајнички бараше некакво продолжување на сопственото владеење!?
ПАСТИРОТ ЌЕ ГИ НОСИ НА ДУША
Истрагата допрва треба да утврди какво било сценариото на организаторите на насилството од 27 април. Иако ќе бидат потребни многу докази и сведоштва да се откријат сите детали, неспорно е дека Македонија вечерта се соочи со обид за државен удар против демократски избраната власт, што е директно загрозување на уставниот поредок. Македонија се соочи и со обид за убиство на пратениците и лидерите на партиите од парламентарното мнозинство од страна на група силеџии организирана од челниците на ВМРО-ДПМНЕ, безбедносните служби и полициските и параполициските сили кои ги контролираше поранешната власт. Клучна улога во тој настан имаше МВР, односно специјалните единици под контрола на Митко Чавков, шеф на оперативниот штаб за обезбедување на Собранието, кој со намера или со несторување ги пропушти силеџиите во собраниската зграда.
Се сеќавам на јуни 2015 година кога Заев ја „пукна“ бомбата за убиството на Мартин Нешковски. Бевме пред Владата кога разгневената толпа гаѓаше со јајца, компири и камења кон Шампитата. Имаше неколку обиди толпата да го пробие полицискиот обрач пред Владата, но сите беа безуспешни. Без оглед на легитимитетот на борбата за вистината околу убиството на Мартин Нешковски, какво било влегување во зградата на Владата ќе претставуваше акт на насилство, за кој сторителите можеше дебело да одговараат. За среќа, полицијата реагираше жестоко, набргу стигна засилување и за кусо време со водени топови ја растера толпата. Но слична реакција на полицијата вечерта на 27 април изостана, барем додека Чавков не ги заврши „приватните работи во Центар“ и не доби наредба од пастирот дека ѓаволот ја однел шегата. И затоа сега мора да одговара како соучесник во обидот за државен преврат.
Во текот на „бомбите“ и подоцна, за време на Шарената револуција, Заев постојано им зборуваше на демонстрантите дека треба да се воздржат од насилство и дека не треба да помислат насила да влезат и да ги освојуваат легалните институции на власта.
Груевски, за разлика од него, не додржа. Кога веќе не можеше да спречи парламентарното мнозинство да избере претседател по легален пат, ги загна своите загари да организираат упад во Собранието. Покрај водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и други авторитети на т.н. борба против Тиранската платформа, како Саво Климовски, Љубиша Георгиевски го повикуваа народот да упадне во Собранието и да ги казни „предавниците“. Крвавиот четврток беше последниот чин од еднодецениската брутална диктатура на пастирот. Факт е дека тој изманипулира десетици уметници, глумци, режисери, писатели, интелектуалци и обични граѓани за да ја спаси сопствената кожа поради мега-криминалот на Фамилијата, но тоа никого не смее да амнестира.
Злата крв, значи, ја „посипа“ Груевски, но меѓу активистите на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои ги нахрани со омраза и гнев против демократски избраното парламентарно мнозинство, за да го направат тоа што го направија на 27 април. Ако заглават во затвор, тој ќе ги носи на душа. Нивната утеха ќе биде што и пастирот нема да куртули.