По средбата со лозарите вчера во Кавадарци, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и градоначалниците на Кавадарци и Неготино, Митко Јанчев и Тони Делков имаа средба со претставници од компанијата ИГМ Трејд, сопственикот Илија Гечев, советници, екологисти и повеќе граѓански и еколошки здруженија.
Темата на средбата која се одвиваше до доцните часови беше барањето на ИГМ Трејд за пренамена на Г2 во Г1 индустрија. Станувало збор за индиска компанија која заеднички со ИГМ Трејд имала намера да инвестира во проект за ладна валалница со модерна технологија. Проектот вредел повеќе од 60 милиони евра, со отворање на првични 250 работни позиции.
Според правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, системот на класи на намени е составен од шест групи на класи на намени, а класата Г се однесува на производство, дистрибуција и сервиси. Ознаката Г2 е за лесна индустрија во која влегуваат сите видови производство кои не побаруваат многу енергија, не создаваат голем промет на суровини, материјали и сообраќај и не произведуваат штетни еманации.
Ознаката Г1 пак, е за тешка индустрија во која спаѓаат сите видови индустриски погони кои имаат големи енергетски барања, голем промет на суровини и материјали, создаваат голем обем на сообраќај и создаваат отпад и штетни еманации. Од ИГМ Трејд убедуваа дека ќе се применува современа технологија која не е загадувачка, односно за работа ќе се користеле струја и гас. На средбата премиерот Заев истакна дека здравјето е секогаш на прво место и е најголем приоритет, но и како економијата има големо значење. Градоначалникот Митко Јанчев пак истакна дека инвестицијата е од државно стратешко ниво, и како општината треба да изгради свој став.
Според него, најдобро би било кога граѓаните во јавна анкета би го искажале својот став. Компанијата ИГМ Трејд е формирана во 1994 година и основна дејност и е производството на заварени цевки и профили. Профилот на цевките се постигнува преку процесот на ладно обликување, поаѓајќи од основните материјали: ладновалана и топловалана трака. Во производниот програм влегува и флахот – челични расечени траки, како и лим во табли, топловалан и ладновалан, расечен од котур. Во производниот процес се применуваат светски прифатените стандарди на изработка и квалитет според ISO 9001:2000. Според портфолиото на компанијата, годишното производство изнесува 120.000 тони заварени цевки профили, од кое производство само 10% се пласира на домашниот пазар, а 90% од производството се извезува. ИГМ Трејд вработува 250 луѓе.
Вики Клинчарова