Околу 9.000 студенти и средношколци денеска маршираа против државниот испит, што сака да го воведе владата. Тие својата маршута ја почнаа од пред платото на УКИМ, кое беше претесно да ги собере сите кои дојдоа да им дадат поддршка на идните академски граѓани. Со транспаренти во рацете „Стоп за лошите реформи во образованието“, „Преку индекс ни е“, „ И спомениците да можеа да си одат, досега ќе си одеа од државата“.
Непосредно, пред да почнат да маршираат, тие се обратија до присутните дека мора да го бранат нивниот студентски дигнитет и да не дозволат денешните одлуки да предизвикаат последици кои ќе им бидат товар за идните генерации.
– Ние денеска ја плаќаме сметката поради тоа што некогаш молчеле напите родители – порачаа тие.
Студентскиот марш кон Собранието тие го продолжија со песната „Скопје радост ти ќе бидеш“, а цело време извикуваа „Нема правда, нема мир“, „Која сила ќе го сопре гласот на студентите“, со што упатија апел до владата и собранието да прекинат, како што рекоа со оваа забеганост, која може да им нанесе штета на сите.
Додека студентите се движеа по скопските улици, постојано им се приклучуваа граѓани кои им даваа поддршка, им ракоплескаа и симнуваа капа за храброста што ја имаат.
Пред да зваршат со протестот, студентите се свртеа кон зградата на извршната власт и со индексите во раце уште една истакнаа дека нема да им дозволат да ги победат и дека таа битка ќе ја издвојуваат тие. Дел од нив го доставија писмото со барања до архивата на владата, очекувајќи дека премиерот Никола Груевски и министерот за образование Абдулаќим Адеми ќе имаат слух за преговори со нив.