ИДСЦС: Паѓа оценката за работата на Собранието

by Фокус

Повеќе од 80 отсто од граѓаните сметаат дека новиот состав на Собранието треба да ја зголеми контролата врз работата на Владата, а 76,5 отсто сметаат дека мнозинството во Собранието треба да има повеќе слух за ставовите на опозицијата.

Ова се дел од резултатите од истражувањето спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС) во периодот 15 мај – 15 јуни 2014 година, спроведено по пат на теренска анкета лице в лице на 1000 испитаници. Средната оценка за работата на Собранието, според ИДСЦС изнесува 2,69. Претходно, оценката за работата на Собранието варирала од 2,6 до 2,9.

Ова се дел од клучните наоди од спроведеното истражување: 

· 48,9% од испитаниците сметаат дека пратеникот од нивната изборна единица не е достапен за средби со граѓаните, а 40,2 дека е достапен.
· 54,7% од испитаниците сметаат дека пратениците не ги информираат граѓаните за својата работа, а 31 дека ги информираат.
· 50,4% сметаат дека расправата помеѓу мнозинството и опозицијата придонесува за создавање на поквалитетни закони, а 38% се со спротивен став.
· 78,5% сметаат дека комисиите во Собранието треба да вршат надзор врз спроведувањето на законите од страна на министерствата.
· 52,6% сметаат дека пратениците во некои случаи користат недоличен јазик во расправите, а 30,8% дека пратениците тоа го прават често.
· 46,4% сметаат дека пратениците ретко ги образложуваат со аргументи своите ставови и позиции во расправите, а 29,5% дека тоа се случува често.

Во поглед на очекувањата од новиот состав на Собранието, дел од клучните наоди се:

· 88,5% од испитаните сметаат дека новиот состав на парламентот треба да обрне поголемо внимание на квалитетот на законите.
· 82,4% сметаат дека новиот состав на Собранието треба да ја зголеми контролата врз работата на Владата.
· 76,5% сметаат дека мнозинството во Собранието треба да има повеќе слух за ставовите на опозицијата.
· 75,4% сметаат дека новиот состав на Собранието треба да биде поактивен при предлагањето и изготвувањето на законите.

Проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот (дебатен) дискурс“ финансиран од Европската Унија има за цел да го измери квалитетот и степенот на аргументираност на дебатата во Собранието. Во таа насока, покрај испитувањето на јавното мислење околу работата на Собранието, ќе се врши и 10 месечен мониторинг на дебатата во дел од собраниските комисии и на пленарните расправи.

Поврзани новости