Граѓаните кои поднеле барање за остварување на право на пензија, од утре (29 јули), ќе бидат известувани со СМС пораки, каде и кога да го подигнат решението, информираат денеска од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.
Оваа услуга, како што велат од Фондот, се воведува со цел избегнување на непотребните доаѓања на шалтерите од страна на граѓаните и намалување на гужвите, а воедно се поедноставува процедурата на работа и се намалуваат трошоците во работењето.
– Откако решението ќе биде изготвено од службите до граѓаните што поднеле Барање за остварување на правото на пензија Фондот ќе ја достави пораката со следниот текст. „Вашето решение со бр.хххххххххххххх е изготвено. Истото можете да го подигнете во Филијалата/Деловницата на ФПИОСМ каде што е поднесено барањето“, се наведува во соопштението.
Во рамките на Фондот, како што посочуваат оттаму, работи нов Кол Центар каде што граѓаните и осигурениците може да добијат информации за статусот на предметот или поднесеното барање, како и информации за условите за стекнување на:- старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија, најнизок износ на пензија, остварување на права со примена на меѓународни договори, остварување на права од Законот за работни односи и тоа скратено работно време, промена на работно место, непосредна опасност од настанување на инвалидност, утврдување на својство на осигуреници (земјоделци), продолжено осигурување, упатени во странство и вработени во странство, посебни категории на осигуреници ( верски лица), остварување на права за осигуреници со бенефициран стаж, задршки од пензија, како и услови за остварување на право за сместување во пензионерски дом.
За подобрување на работата на Фондот и поедноставување на начинот со кој граѓаните ги остваруваат своите права од пензиското и инвалидското осигурување, во изминатиов период, како што велат од Фондот, преку новиот портал uslugi.gov.mk се воведени 13 електронски услуги.